Бектеши: Не очекуваме големи ценовни шокови во делот на домаќинствата

Facebook
Twitter
Email
Print


Министерот за економија Крешник Бектеши не очекува да има големо зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата по 1 јануари идната година и вели дека ќе направат сѐ што им е на располагање за да остане сегашната производна цена на АД ЕСМ кое ги задоволува потребите на регулираниот пазар.

За домаќинствата, како што кажа, во Законот за енергетика е предвидена постепена либерализација и потенцира дека ќе се направат дополнителни калкулации од страна на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и сите енергетски институции и компании кои се во сопственост на државата за да се види колкава ќе биде цената на струјата по 1 јануари идната година. Ситуацијата будно се следи и во делот на домаќинствата не очекуваме да има големи ценовни шокови.

Во делот на увозот на јаглен за потребите на двете термоцентрали, посочи, дека треба да се почитуваат сите процедури.

„ЕСМ има внатрешни и законски процедури кои треба да ги спроведе за набавка на јаглен од странство. Убеден сум дека тендерот ќе биде успешен зашто веќе имаме искуство со ТЕЦ Осломеј за каде се набавува јаглен од Косово“, истакна Бектеши.

На прашањето дали треба да се вклучи ТЕЦ Неготино за да се избегнат евентуални ценовни шокови, претседателот на РКЕ Марко Бислимоски рече дека во моментов се прават сите анализи, бидејќи производната цена на ТЕЦ Неготино за струја е врзана со цената на мазутот и истовремено тој повика да престанат шпекулациите дека цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми за 50 проценти по 1 јануари.

„Би замолил да се воздржиме од шпекулации без никакви анализи. Нема потреба сега да се крева паника, се што и стои на располагање на РКЕ, на ЕСМ, на МЕПСО и на Владата ќе биде преземено, посочи Бислимоски“ и додаде дека кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што вчера ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи