Необјавен текст на Блаже Конески на Отворените денови на Институтот за македонски јазик

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Непознат ракопис што на три страници го напишал Блаже Конески и му го посветил на Никола Јонков Вапцаров беше претставен денеска на почетокот на шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик годинава се во знакот еден век од раѓањето на Блаже Конески и 95 години од смртта на патронот на Институтот – Крсте Мисирков, како и 30 години од независноста на државата.

Д-р Марија Коробар-Белчева рече дека необјавениот текст на Конески, насловен „Вапцаров меѓу македонските писатели“, го нашла во оставнината на Перо Коробар, прв директор на првото Државно книгоиздателство на Народна Република Македонија. Најден е во бел плик, веројатно, рече таа, случајно заборавен и од авторот, и од оној што требало да го објави.

Текстот бил потпишан од Конески како претседател на Друштвото на писателите на Македонија и е без датум, но според јазичните особености, пред сè употребата на глаголската форма со наставка -уе, се претпоставува дека е напишан во 1947 година (пет години по стрелањето на Вапцаров во Софија) затоа што, рече Коробар-Белчева, промената на глаголските форми од -уе во –ува било усвоено подоцна, на 6 април 1948, на предлог Правописната комисија на Министерството за просвета.

Директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, истакна дека македонистиката денес ги има сите предизвици што ги имал и Блаже Конески во 1948 година – борбата за македонскиот јазик. Во изјава за медиумите таа нагласи дека негирањето е од дел од бугарските лингвисти кои тврдат дека не постои македонски јазик, но дека нивната битка е изгубена, бидејќи, како што рече, светската наука и вистината се на наша страна.

„Минатата година беа подготвени четири монографии за да му покажеме на светот за досегашните истражувања. Институтот подготви зборник на трудови „Погледи за македонскиот јазик” во кој има над 50 странски лингвисти кои го проучуваат македонскиот јазик, рамноправно со сите други словенски и европски јазици. Тоа покажува дека битката што ја водат група бугарски лингвисти е изгубена и дека науката и вистината се на наша страна“, вели Јованова-Грујовска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи