Бесими: Имаме план за брз економски раст, отворање нови работни места и инвестиции од 4 милијарди долари во наредните 5 години

Facebook
Twitter
Email
Print


Планот за забрзан економски раст чија цел е зголемување на економскиот раст, значително зголемување на јавните инвестиции, но и силно поттикнување на приватните инвестиции на среден рок, беше главната тема на којашто министерот за финансии, Фатмир Бесими, се осврна во своето обраќање пред потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде, регионалната директорка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, извршниот директор во Светска банка, Кун Давидсе и директорот на канцеларијата на Светска банка за РС Македонија, Масимилијано Паолучи.

На состанокот одржан во рамки на Есенските средби на ММФ и СБ, високите официјални претставници на Светска банка го поздравија Планот за забрзан економски раст, којшто треба да биде усвоен во следниот период, како и позитивните оценки во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во изминатата година.

„Планот за забрзан економски раст ќе има клучна улога во креирање нови работни места и поттикнување на растот на економијата во Македонија. Крајните цели се фокусирани на три пунктови: Зголемени инвестиции, преку овозможување поефективно користење на јавните инвестиции во износ од 4 милијарди евра во наредните пет години, со повеќекратно мобилизирање на дополнителни инвестиции од страна на приватниот сектор; Забрзан раст – удвојување на стапките на економски раст на среден рок на 5% годишни стапки на раст; како и Обезбедување фискална консолидација – да го потпомогне намалувањето на јавниот долг под 60% од БДП на земјата на среден рок”, вели Бесими.

Министерот, исто така, информираше за воспоставениот механизам за подобрување на имплементацијата на капиталните расходи (CAPEF), којшто како што рече, веќе дава добри резултати во делот на реализација на капиталните инвестиции.

Од почетокот на годинава до 15 октомври реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 13,9 милијарди денари и е за 55,7 проценти повисока од истиот период лани.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи