ВИДЕО – Пендаровски: Конески треба да го чествуваме постојано, не само јубилејно, лишени од неговата оставината ние не би постоеле

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Блаже Конески опстојува како заштитник на нашата модерност. Со својата посветеност, одговорност, работливост и смиреност тој треба да ни биде модел за нашето сегашно и идно дејствување во промоција на заедничката кауза. Ова денеска во Небрегово го истакна претседателот Стево Пендаровски на манифестацијата организирана од Институтот за македонски јазик по повод 100 годишнината од раѓањето на Конески. Пендаровски нагласи дека лишени од оставината на Конески ние не би постоеле, а токму затоа Конески и неговото дело никогаш не смеат да се заборават.

„Токму затоа личноста која е парадигма за нашата национална еманципација и прогресивност треба да ја чествуваме постојано, не само јубилејно. Тој беше човек на кој не му требаа почести. Неговата големина дополнително беше нагласена со неговата скромност и личниот аскетски профил. Во наследство ни ги остави – мислите, зборот, емоциите, духовноста и јазикот, без да побара надомест. Имено затоа, кај нас лежи одговорноста да не го заборавиме  она што Конески ни го остави како културно наследство бидејќи низ неговото дело, всушност, се надѕираат сите слоеви на нашата култура“, истакна Стево Пендаровски, Претседател на Македонија.

Организаторите на настанот истакнаа дека токму Конески е грандиозниот и визионерски Македонец што на 100 години од раѓањето ја обедини нацијата и доби исклучителен респект од УНЕСКО.

„Во манир на голем филолог, со студиозност и доследност му докажа на светот дека македонскиот јазик е засебен во однос на соседните и другите словенски јазици што заслужено доби кодификација со своја азбука, правопис, речник, граматика. Конески зад себе остави изградени научници и професори што стамено чекорат по неговите стапки“, вели Елена Јованова Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик.

Во чест на Конески денеска беше отворена и училницата каде тој ги завршил првото одделение. Иницијатор за ова исто како и за обновата на Спомен домот на Конески, е Миле Спирковски.

Долги години ги барав испитниот произвник, односно дневникот, фотографиите кога Конески бил ученик во оваа училница, исто така и други документи и конечно успеав да ги најдам. Инаку во неа учители биле Милица Паунковиќ  и Предраг Гајиќ. Јас исто така ја најдов листата на инвентар на предмети кои биле присутни во училницата, така што за брзо време се надевам дека истите тие предмети ќе успеам да ги пронајдам и сместам во неа“, додаде Миле Спирковски, иницијатор за обновата на Спомен домот на Конески.

По повод 100 годишнината од раѓањето на Конески во декември МАНУ планира да ги издадер томововите со творечките дела на Конески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи