ВИДЕО – Ковачки: Началници, полициски командири и полицајци блиски до СДСМ во Прилеп правеле притисоци, следеле и малтретирале граѓани за време на изборната кампања


ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција објави дека за време на изборната кампања, полицајци блиски до СДСМ следеле членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ рече дека информациите им ги доставиле загрижени полицајци вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група. Целта на оваа група била физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од СДСМ.

„Групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер. Во таа група именувана „ХХХ“ според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители. Во групата членувале и командирот на ОВР Прилеп  – Дарко Цуцулоски, заменикот командир – Ванеса Колашинац, началникот на НККР Прилеп – Емилија Велкоска, како и Кире Китаноски кој е личен шофер на советникот на министерот Спасовски – Оливер Лукароски, кој според конверзацијата во групата е главниот налогодавец“, изјави Ковачки.

Ковачки објави и дел од пораките кои биле споделувани во вибер-групата: „Земете му ја колата и убијте го“, ,„Застанете ги возилата и на принуден технички преглед“.

„Еве ги грозоморните детали. Цитирам една од пораките: ‘Вчера во 19.00 часот на ул. Кеј 19-ти септември пред зградата на зоолошката, втора зграда, тојота црн џип ПП 0200 во кој седеше Борче Јовчески, во возилото седеше со УПС Мики Чадамов кој му предаваше список, односно документи’ – дава информација во групата Марјан Мачорот од БПС Прилеп“, рече Ковачки, објаснувајќи дека овој извадок од таа конверзација, открива дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и сега веќе избран градоначалник на Прилеп, бил следен од полицијата за партиски цели на СДСМ.

Потоа тој цитираше  дел од, како што рече, брифинзите кои си ги даваат помеѓу себе.

„Дарко Цуцулоски, командирот на ОВР Прилеп пишува – цитирам: ‘Онај од комуналец замина пешки на кутии’, на што Кире Китаноски шоферот на Оливер Лукарески дава насока – ‘На технички, земете му ја колата’. Додека Александар Крајоски од БПС Прилеп додава – ‘Крфта да му ја е…’. На тоа Кире Китаноски, шоферот на Оливер Лукароски уште еднаш дава насока – ‘Земете му ја колата, убијте го, напрајте нешто’“, кажа Ковачки.

Во групата, како што објави тој на денешната прес-конференција, биле давани насоки и се договарани и други физички пресметки, како и закани по животот на прилепчани.

„Откако Давор Пашкоски од БПС Прилеп во групата ќе напише – обезбедувањето, Александар Крајоски му одговара – ‘Е…’ Во продолжение Младен Љољо од БСП Прилеп информира – БМВ црно (0898) АЦ, на што Кире Китаноски шоферот на Оливер Лукароски дава насока и информира – ‘Му пуштив на Џо едни билдери минатиот пат шо го нашлакаја ќе го посетат за кратко’. А, Давор Пашкоски од БПС Прилеп на тоа додава – ‘Ќе му прата поздрав и од друга страна’“, објави Ковачки.

Тој оцени дека ова е доказ за злоупотреба на полициските овластувања за што е можно поголема саботажа на ВМРО-ДПМНЕ и тука посочи дел од конверзација во групата.

„Борче Црнески од БПС Прилеп информира – Голф ПП (9260) АЦ Мирослав Кусибојски, Пежо ПП (5008) од Проданоски, на што Кире Китаноски шоферот на Оливер Лукароски дава насока – ‘Барајте купопродажен, полномошно, кој го има законот нека види кој член е, носете го во полиција, колку минути повеќе ги држите – толку помалку ќе однесат, да дојди газдата по возилото ако немаат полномошно’’’,

рече Ковачки, додавајќи дека ова е само мал дел од комуникацијата помеѓу високи полициски функционери кои биле дел од група.

ВМРО-ДПМНЕ го повика ЈО веднаш да отвори случај против Оливер Спасовски, Зоран Заев и Љупчо Николовски, како одговорни во МВР и СДСМ за овие избори и ги повика меѓународните претставници во земјава внимателно да ги следат случувањата.

„Доколку Заев се обиде со притисоци да ја заташка работата, треба да знае и тој и сите директно вмешани дека ќе одговараат веднаш по ослободувањето на институциите од ваквите криминалци за сите злоупотреби и криминали кои ги правеле“, рече Ковачки на денешната прес-конференција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи