ВИДЕО – Пошумување кај манастирот Св. Димитрија – Селце, прилепчанецот Диме Велески донираше 500 садници


Во еко акција за пошумување која се случи во околината на манасторот Свети Димитрија кај селото Селце беа засадени 500 багреми, чиј донатор е прилепчанецот Диме Велески. Вели дека на овој чекор се одлучил бидејќи пожарите и дрвокрадството уништија огромен дел од шумскиот фонд во прилепско и дека редни било да започнеме истиот да го обновуваме ако сакаме здрава животна средина.

„Наназад гледајќи дека пожарите си го однесоа своето, дрвокрадството исто, се помалку имаме шуми, а загадувањето си го прави своето. Така што јас и една мала група на пријатели одлучивме да започнеме со пошумување, барем колку толку да ублажиме. Сега сме мала група, но се надевам дека со текот на времето ќе бидеме и поголема група. Сега започнуваме и не мислиме да застане тука. Сега засега ова е лично наша инвестиција и со помош на пријателите, кои ете тука се околу нас и садат. А се надевам дека во иднина и општината и други институции ќе помогнат да го средиме и доуредиме овој прстор и ова прекрасно место“, кажа Диме Велески, донатор на садниците.

Акцијата беше поддржана и од тимот на Златоврв кои секогаш се дел од ваквите акции кога треба да се заштити природата, шумите и планините кои се нивниот втор дом.

„Тимот на Златоврв изминативе години активно се бори за грижа на граѓаните, помагање и пружање на помош така и во делот на поддршка на сите еко акции, како што е оваа за пошумување. Ние сме тука секогаш да помогнеме, како логистички така и со сите потребни средтства со кои располагаме да придонесеме за подобар и позелен град“, додаде Дарко Неданоски, раководител на Спасителна служба „Златоврв“.

Неформалната граѓанска иницијатива од Прилеп, ЕКО СВЕСТ исто така зеде учество на ова пошумување. Тие месеци наназад организираат акции за чистење на околината на Прилеп од дивите депонии и подигнување на свеста кај граѓаните да не го фрлаат отпадот каде ќе стигнат. И тие најавија идната недела акција за пошумување во околината на Прилеп.

„Сакаме наредните викенди исто така вака да продолжиме, дали ќе биде тука или на некоја друга блиска локација околу Прилеп ќе видиме. Истово ова да го повториме. Имаме мала количина на средства собрано за купување на садници, се надевам дека ќе се присоберат. Бидејќи овие дрвја мора да се купат, никој не ги дава без пари. Веќе една недела сум во контакт со поголем број на граѓани за кои се надевам дека ќе излезат во пресрет за овие акции“, истакна Виктор Петроски, ЕКО СВЕСТ Прилеп.

На пошумувањето учество зедоа голем број граѓани кои велат дека ваквите акции треба да ги има се почесто и да имаат поголема поддршка од државните институции.

„Се разбира дека самите институции треба да ги даруваат овие садници како и се во ова општество, но досега како што знаеме сами се нема слух, така што во иднина ние како граѓани ќе започнеме да ги натераме институциите да се вклучат во заштита на природата подобро општество и подобар живот за сите нас“, истакна Крешимир Здравески, граѓански активист.

Но сите учесници се сложуваат дека ако не се престане со масовната дива сеча во прилепско џабе вакви акции, затоа што никој нема толкава сила и можност да засади дрвја колку што дневно нелегално се сечат во Прилеп, а надлежните институции се прават слепи за овој криминал кој се случува со децении.

„За жал се повеќе и повеќе дрвокрадството и нелегалната сеча на шуми зема замав. Жална е таа слика кога ги гледаме планините сега и како биле истите пред 10 години, тоа е навистина жална слика. Буквално се сечат и најмалите дрвја, не се остава ништо, ниту тие мали дрвја кои потоа може да пораснат и да се прошири шумата. Само преку вакви директни иницијативи, како што е ова пошумување се надеваме дека свеста ќе се зголеми, дека ќе добиеме уште поголема поддршка од граѓаните, која што е добивме најмногу но за жал од државните институции се уште немаме некоја поддршка“, истакна Неданоски од тимот на Златоврв.

 

„Па за жал тој идиотизам е се поинтензивен, од она што слушам институциите се обидуваат, но ќе го тргнам тоа на страна, но и самите граѓани со купувањето на тие крадени дрва го поттикнуваат дрвокрадството, тоа е моето мислење и треба да се преземат акции да престане тоа дрвокарство бидејќи ни се уништени белите дробови како општина, како град “, вели Велески, донатор на садниците.

 

„Сепак тоа е голем проблем кој може да се реши за 24 часа, законските регулативи се многу јасни, не треба да се измислува топла вода да се изразам народски. Мора под итно да се стави крај на дрвокрадството. Џабе ќе бидат сите овие пошумувања ако ние го имаме сега тоа што го имаме како дрвокардство. Да не зборуваме дека со тоа се уништува животната средина, белодробието на секоја една држава и пред се тука имаме големи финансиски загуби како држава“, изјави Здравески, граѓански активист.

Акции за пошумување во прилепско се најавени и во наредните викенди се додека за тоа дозволуваат временските услови.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи