Земјоделците учат едни од други, но и активно делуваат во борбата со климатските промени


Во полн ек е кампањата која што ја спроведува Рурална Коалиција, а која што е насочена кон превземањето на акција за подигнување на свеста кај земјоделците за климатските промени.

Имено, речиси секоја деценија обемот на земјоделското производство се намалува за 6%, што значи дека за секои 10 години ние имаме помали количини на храна. Важиме за земјоделска земја со над 45% обработлива површина меѓутоа особено последниве неколку години сведоци сме и на намаленото земјоделско производство, како и намален квалитет на земјоделските производи, а сето тоа доведува и до повисоки цени на земјоделските производи, но во исто време и намалување на приходите кај земјоделците поради намалениот или недоволно квалитетен род.

Од друга страна, пак еден од најголемите извори на метан и предизвикувач на стакленички гасови е токму земјоделството, меѓутоа согласно податоците на Министерството за животна средина од 473 испитаници-земјоделци, во 48 општини, над 90% не сметаат дека со своите активности на нива исто така и тие придонесуваат кон негативните ефекти на климатските промени. Дополнително, ретко која од општините има изработено Локален еколошки акциски план или пак истите се со изминато времетраење, што пак само дополнително не упатува на заклучокот дека многу малку активности се преземаат на локално ниво кога станува збор за ублажување на последиците од климатските промени и прилагодување кон истите.

 

Нашата држава е во период на изработка на Стратегија и Национален план за климатска акција во кои што исто така предвидени се обврски и за општините кои што всушност треба да ја имаат стратешката улога кога станува збор за преземањето на акции во локалната заедница, а насочени кон справувањето со климатските промени. Како еден од најпогодените сектори од веќе видливите негативни ефекти од климатските промени е токму земјоделското производство кое што е доминантно и во Пелагонискиот регион како најголема житница во нашата држава, а која што веќе ги чувствува негативните ефекти од климатските промени со долги сушни периоди кои што многу негативно се одразуваат врз житните култури, тутунот, пиперките како доминантни земјоделски култури во овој регион.

„И тука всушност лежи една од пораките која што ја испраќаме не само до земјоделците, туку и до локални власти во секоја од општините, а тоа е дека навистина сериозно ќе мора сите да се вложиме во делот на заштитата на животната средина, примената на позитивни земјоделски практики во насока на прилагодувањето кон климатските промени, затоа што ние всушност сме првите генерации кои што ги чувствуваме сериозните негативни ефекти од климатските промени, но и последните генерации кои што може да превземат акција за нивно ублажување“ , вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

 

Токму затоа, Рурална Коалиција ја превзема ваквата акција за зајакнување на свеста за климатските промени во земјоделското производство заедно со самите земјоделци преку споделување на информативен материјал, кратки едукативни сесии на терен и размена на позитивни земјоделски практики помеѓу самите земјоделци како најефективен метод за споделување на знаења и примена на нови методи и техники во земјоделскоот производство кои што во исто време ќе значат методи за ублажување на климатските промени. Всушност тоа е и главната цел на ваквата кампања, каде што Рурална Колиција се обидува преку споделување на паметни земјоделски климатски практики да го мотивира локалното население, пред се земјоделците да започнат самите да превземаат активности и мерки кои што ќе придонесат кон ублажување на ефектите од климатските промени, а истата ќе се спроведува во 5 различни плански региони.

Со кампањата досега посетени се над 30 рурални средини низ целата територија на државата, а истата е предвидено да трае до декември оваа година. Проектот Климатска акција за климатските промени во земјоделството, Рурална Коалиција го спроведува со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено Општество – Македонија. Годишниот план за работа на организацијата е поддржан со институционален грант во програмата на Цивика Мобилитас.

Автор: Рурална Коалиција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи