Денес се слават Светите Козма и Дамјан – исцелители на душата и телото

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Денес се празнуваат Светите бесребреници Kозма и Дамјан, во народот познат празник и како Свети Врачи.
Бесребреници и чудотворци. Браќа по тело и по дух, родум негде од Азија, од татко незнабожец и мајка христијанка. По смртта на татко им, нивната мајка Теодотија целото време и труд ги даде на тоа да ги подигне и воспита синовите како вистински христијани. И Бог ѝ помогна, та нејзините синови израснаа како две слатки овошки и како два светилника на светот. Беа научени на лекарската вештина и бесплатно им помагаа на болните не толку со лекови колку со името на Господ Исус Христос. Ги нарекоа бесребрени лекари, бидејќи лечеа бесплатно и така ја исполнуваа Христовата заповед: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте!“ (Матеј 10, 8). Беа толку внимателни во бесплатното лечење на луѓето што Козма вистински се налути на својот брат Дамјан зашто овој зеде три јајца од една жена Паладија, па нареди Козма по неговата смрт да не го закопуваат до брат му Дамјан. Всушност, свети Дамјан не ги зеде оние три јајца како награда зашто ја исцели болната Паладија, туку затоа што таа го заколна со Пресвета Троица да ги земе оние три јајца. Сепак, по нивната смрт, во местото Фереман беа закопани заедно според Божјо откровение. Овие свети браќа беа големи чудотворци и за време на животот и после смртта. На еден слуга на спиење му се беше вовлекла змија низ устата во стомакот и кутриот човек ќе издивнеше во најтешки маки, ако во последен миг не ги повикаше на помош светите Козма и Дамјан. Така ги прослави Господ со чудотворство засекогаш оние коишто Го прославуваа Бога на земјата со вера, чистота и милост.

Молитва упатена за Светите Козма и Дамјан

Тешко страдам од мојата болест и доаѓам кај вас, свети чудотворци и исцелители, Кузмане и Дамјане, зашто вие сте проповедале дека душевната болест е потешка од која и да било немоќ и дека душата боледува поради гревовите, а кога душата е болна, тогаш и телото тешко боледува. Знам дека болестите го чистат човекот од неговите гревови. Ви се молам, свети чудотворци, помолете Го Господа да ми подари простување на моите согрешенија. Јас сум слаб и беспомошен, силите мои исчезнале во болеста и затоа молам да не паднам во очајание и да не загинам. Побрзајте да ми помогнете, свети исцелители, ветувам дека кога ќе оздравам, ќе живеам во покајание и ќе го завршам мојот живот во мир. Ви се молам, помолете Го Господа во судниот ден да застанам неосудено пред лицето на страшниот Судија на вселената, кој ги познава тајните на човечките души. Нему да My e слава, и сега и секогаш, и во вековите на вековите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи