Од утре задолжително поседување на зимска опрема

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Од утре до 15 март задолжително треба да се поседува пропишана зимска опрема, согласно одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возило, велосипед и запрежно возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи, информира Министерството за внатрешни работи.

Согласно Правилникот, како дел од зимската опрема на моторните возила со најголема дозволена маса што не надминува 3500 килограми возачите треба да поседуваат зимски невматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и ширина од четири милиметри, пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и ширина, со минимум од најмалку четири милиметри, ако возилото во приборот поседува синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Под зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4×4) се подразбира зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и ширина од шест милиметри и пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и ширина со минимум од најмалку четири милиметри. Ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која надминува 3500 килограми се подразбира зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и ширина од шест милиметри и пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и ширина со минимум четири милиметри, ако возилото во приборот има синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS”, „M+S”, „M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Во согласност со важечкиот Правилник за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци.

МВР апелира до граѓаните да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи