За 55 отсто намален бројот на жртви во сообраќајни несреќи во октомври

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Бројот на жртви на сообраќајниците во октомври 2021 е за 55 отсто помал од бројот на жртви во октомври 2020, соопштија денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски и претседателката на РСБСП Гордана Кожувароска на одбележувањето на 15 ноември-Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи.

„Им благодарам на мнозинството граѓани кои ни се приклучија во напорите да обезбедиме што е можно побезбедни патишта. Им благодарам и на полициските службеници, кои секојдневно даваат придонес за безбедноста на патиштата. Во октомври оваа година имаме пет жртви во сообраќајните несреќи, а во октомври минатата година имало 11. Ова е сериозно намалување, но ние продолжуваме со интензивните активности за овие бројки да се намалуваат и натаму и ги повикувам и оние граѓани кои до сега не ги почитуваа правилата да ни се приклучат и сите заеднички да обезбедиме безбедни патишта. 2020 беше најбезбедна година според бројот на жртви на патиштата, но првите десет месеци од 2021 покажуваат дека оваа година е со најмал број на жртви на патиштата“, рече денеска Ангеловски.

За дополнително намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи МВР и РСБСП продолжуваат со превентивните активности, но и со засилени контроли за санкционирање на учесниците во сообраќајот кои не ги почитуваат законите. Во текот на вчерашниот ден санкционирани се 663 возачи поради возење со брзина поголема од дозволената.

„За да се сврти вниманието на трагичните последици од сообраќајните несреќи, да се изрази почит кон загинатите и солидарност кон нивните семејства, како и да се подигне свеста за фаталните последици од неодговорното однесување во сообраќајот, Организацијата на Обединетите Нации усвои резолуција со која повикува на одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди. Апелираме заеднички  да го направиме сообраќајот побезбеден, почнувајки секој од себе, од сопствените грешки и од сопственото однесување во сообраќајот. Време е! Разбуди ја свеста и кажи стоп за смртта на патиштата!“, рече Гордана Кожувароска, претседателка на РСБСП.

Годишно, 1.3 милиони луѓе во целиот свет  го губат животот во сообраќајни несреќи, а 20 до 50 милиони лица се повредени. Тоа значи дека на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна несреќа во светот, рече Кожувароска.

Ангеловски и Кожувароска ги потсетија граѓаните и дека од денеска 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема за безбедно учество во сообраќајот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи