Изложбата „Suzanne“ од уметницата Ивана Мојсовска во петок во Цепенков

На 19 ноември 2021, петок од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Suzanne“ од уметницата Ивана Мојсовска.

На Изложбата ќе бидат изложени две слики и пет фотографии.

Изложбата е инспирирана од веќе реализираниот танцов перформанс во колаборација со кореографката Адријана Данчевска, која е и субјект на овие дела.

„Сузан е измислен карактер кој ни ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена која се бори со сопствените емоции и пориви. Во овој проект, карактерот на Сузан е повторно предмет на естетската материјализација каде преку фотографијата како медиум, ги доловувам моментите на екстаза и кинестетичка емпатија. Во дел од фотографиите акцентот е ставен на централниот субјект, односно ја гледаме Сузан во нејзината трансцеденција, додека во останатите дела Сузан е ставена во улога на спектатор и симболично ни ја прикажува сврзаноста на делата со кинестетичката емпатија. Анализирајќи ги танцовите перформанси и фокусирајќи се на перформативноста како процес од кој произлегува некаква акција, се обидувам да го замрзнам тој жив и интензивен момент на одвивањето на самиот уметнички чин“, вели уметницата.

Ивана Мојсовска е млад, современ автор кој ги истражува емотивните состојби прикажувајќи ги преку своите експресивни и гестуални записи со кои таа постојано експериментира со нови сликарски медиуми. Делата на Мојсовска кои вклучуваат слики, танцови перформанси, инсталции и фотографија говорат за нејзиниот диверзитет додека експресивноста како правец е задржана во целиот опус.

Родена е  во Скопје, Македонија. Во јануари, 2020 та година ги завршува магистерските студии на ФЛУ со самостојна изложба во МКЦ насловена “Meet Water”. Ивана досега реализирала две самостојни изложби, има учевствувано на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Во последнава година остварува контакт со уметничка куќа во Mougins, Франција каде изложува свои дела.

Добитник е на наградата “Четирите мајстори на модернизмот” која и е доделена од  ФЛУ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи