ВИДЕО – Асани: Национални шуми треба да се грижат за одземените возила – Јосифоски доби известување од ОЈО Скопје дека барањето се препраќа во Прилеп на повторно разгледување


Должност на државните институции е да ги чуваат одземените возила учесници во криминални дела, а кои стојат на нивните плацеви, како што се Национални шуми, МВР и други установи. Ова го истакна директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, после вчерашната сторија на Сител за апсурдниот случај во кој прилепчанец плаќа казна за сообраќајна несреќа во која наводно учествувало неговото возило одземено од државата во 2015 година. Возилото се чува на плацот на Национални шуми од каде во 2017 година некој ги кради таблиците или пак целото возило и прави несреќа која има смртни последици. Асани вели дека Национални шуми не можеле да се правдаат дека немаат законска обврска да ги чуваат возила од каде што секојдневно се крадат нивни делови, како таблици, акумулатори, тркала, па и цели мотори.

„Национални шуми е државна институција, која има свои плацеви, свое обезбедување и во моментот кога едно возило ќе биде одземено дали од полиција, дали од шумска полиција и истото возило се однело на плацевите на овие институции, тие истите институции имаат свое обезбедување, така што лесно е топката да ја префрлиш на друг“, истакна Фатон Асани, директор на Агенција за управување со одземен имот.

Асани истакна дека низ цела Македонија има над 10.000 вакви возила. Тој бил директор на Агенцијата од 2017 година, а таа постоела од 2009. За неговиот мандат за старо железо биле продадени 2.000 вакви возила, а претходно само 300. Асани рече дека од 2017 до денес Агенцијата донирала над 700 возила на државни институции, со што на буџетот му заштедила 2,5 милиони евра. За да се решат проблемите со овие 10.000 возила потребни биле законски измени и забрзување на судските постапки за истите.

„Судските процеси траат предолго и може да се каже дека траат и до 4 или 5 години, а за решавање на еден ваков проблем потребна е брза реакција, брза пресуда, за брзо решавање на истиот проблем. Во случајов треба да се случат и некои законски измени каде што ние како Агенција бараме било кое возило, било каде да е сместено во државата, доколку е сместено таму повеќе од 5 години да се бара негово брзо решение за да се решат овие проблеми кои се спомнати“, вели Асани.

Инаку после прилогот на Сител прилепчанецот Стеван Јосифоски денеска од ОЈО Скопје добил известување дека неговото барање со жалби се препраќа во ОЈО Прилеп на повторно разгледување, со што тој се надева дека конечно ќе добие правада и дека нема повеќе да исплаќа пари на Националното биро за осигурување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи