Хусеини: Ако автобусот немал лиценца, требало да го вратат на граница

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Согласно Законот за транспорт во патниот сообраќај, Царинската управа на граничните премини има овластување и мора да го врати превозникот, доколку не поседува извод од лиценца, изјави за Утрински брифинг, директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини.

„Ако автобусот навистина немал извод од лиценца на граничниот премин Деве Баир не смееле да го пуштат да ја напушти државата. Сепак сметам дека овој пропуст не влијаел врз несреќата. Надлежните органи во Бугарија како причинители за несреќата ги наведуваат условите на патот, исправноста на возилото и човечкиот фактор. Никој не го спомена изводот од лиценцата. Сепак треба да го има, ние ќе провериме зошто го нема, но тоа не е одлучувачки фактор во оваа несреќа“, нагласува Хусеини.

Автобусот на туристичката агенција „Беса Транс“ кој вчера се запали и однесе 46 животи немал извод од лиценца, односно не бил пријавен за превоз во домашен и меѓународен сообраќај од Министерството за транспорт и врски, потврди на прес-конференцијата во вторникот вечерта во Владата, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, додавајќи дека фирмата превозник со седиште во скопското село  Рашче имала уредна лиценца, но меѓу четирите автобуси заведени во евиденцијата на неговото министерство го нема автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“ близу Перник.

„За секое возило поединечно, превозникот треба да има извод од лиценцата, а за секој возач сертификат“, појасни Бочварски.

Оттаму, се поставува прашањето како автобусот ги минувал вообичаените проверки на границите, царинските и контролите на сообраќајната полиција и зошто институциите сѐ уште молчат?!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи