ВИДЕО – Депонијата во Крушево гори скоро 10 дена, надлежните не можат да ја изгаснат, излез се бара во регионална депонија

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Скоро 10 дена гори депонијата во Крушево, а надлежните служби и покрај напорите не можат да ја изгаснат. Велат дека депонијата сега може да се изгасне само ако падне дожд или снег. Чад и неподнослива миризба се шират насекаде во градот. Надлежните се сомневаат дека честите пожари на истата настануваат поради што таму се фрла и пепел во кој најверојатно се уште има и жар. Затоа препорачуваат граѓаните пред да ја фрлат пепелта во контејнерите истата барем еден ден да се чува во некој метален сад.

„Не може да се изгасне, иако цистерните секој ден доаѓаат тука и ја наводенуваат депонијата, но тоа е површина во стрмниот дел на планината каде што се запали и таму цистерните ниту имаат приистап да отидат поблиску до местото каде гори. Единствено ќе се изгасне ако заврне дожд повеќе време, друго за жал нема“, вели Даница Кондоска, раководител на комунална хигиена.

Депонијата се простира на површина од околу 1 хектар, но најголемиот дел од неа се наоѓа во планински дол и нејзината локација е комплетно несоодветна. Од Општината велат дека досега депонијата 3 пати e преместувана. Лани платиле попрскување на депонијата со одредени хемиски средства кои спречуваат пожари, но велат дека општината нема пари секоја година да го прави тоа. Трајното решение го гледаат во отворање на регионална депонија на пелагонскиот плански регион, која ќе биде според сите стандарди.

„Оваа депонија позади мене е од времен карактер и бараме одлагање на сметот и ѓубрето во регионална депонија, каде соодветно ќе биде третиран целиот смет. Во поглед на заштитата ние ја поднесовме иницијативата и сега треба да се направи физибилити студија каде точно би се направила таа регионална депонија. И после треба да се утврди како секоја општина ќе го одведува сметот, на кој начин и во кои денови. Сето тоа треба да биде направено со соодветен проект, кој чини доста пари“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Она што сега останува е да чекаме да падне дожд за да ја изгасне депонијата во Крушево или пак државата преку соодветните институции итно да реагира и да понуди соодветна помош за овој случај.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи