Во Предлог-буџетот на МВР обезбедено е зголемување на платите за вработените

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференција го претстави предлог Граѓанскиот буџет на Министерството за внатрешни работи за 2022, кој целосно ги одразува заложбите и приоритетите на Министерството за внатрешни работи – континуирано системско реформирање на полицијата, преку етаблирање на принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата.

„Предлог буџетот на МВР за 2022 е со вкупна вредност од 10 милијарди и 410 милиони денари и е испланиран согласно развојната компонента за подобрување на работењето и реализирање на сите активности што се во надлежност на министерството, како и негово непречено функционирање и работење за остварување на основните стратешки приоритети и цели. Притоа, зголемувањето е обезбедено во ставките кои овозможуваат континуитет во градењето на современа и стручна институција и понатамошен развој на демократските принципи во полициското работење, согласно европските препораки и стандарди“, истакна министерот Спасовски.

Според него, преку реализација на вака проектираниот буџет ќе се остварат две основни цели, од кои првата е продолжување на воспоставениот концепт: полиција- сервис на граѓаните. Како дел од проектите од кои директен бенефит ќе има заедницата е продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици.

„За овие неколку години инвестираме многу во капацитетите на МВР, што резултираше со 63 целосно завршени реконструирани објекти на територијата на целата држава, што со децении не беа допрени. Притоа, сега веќе зборуваме и за имплементирани мерки за енергетска ефикасност, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, поголеми заштеди и намалени емисии на штетни гасови. Еве, за илустрација, прегледот на трошоците за испорачана електрична енергија споредбено во 2017 и во 2021, во одредени сегменти зборува за 100% заштеда, односно вкупно, на ниво на МВР, станува збор за 5 милијарди и 376 милиони денари заштеда на финансиски средства, народни пари, што говори за домаќинскиот однос кој го остваривме со овие реконструкциски зафати. Значи, добивме ‘вин-вин’ ситуација“, посочи министерот Спасовски.

Министерот за внатрешни работи објасни дека со зголемен буџет за оваа ставка во 2022 за 100 милиони денари во споредба со минатата година, ќе се продолжи со градежните активности, и тоа најнапред во Центарот за обука Идризово, па Одделот за граѓански работи во МРТВ, кој практично го претставува лицето на полицијата пред граѓаните, како и изградба на Полициската станица Аеродром. Во предлог буџетот на МВР за 2022 испланирани се и средства за проектот „Автоматизирана идентификација на отпечатоци од прсти и дланка“,што влегува во групата на лабораториска опрема за новиот објект на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, кој ќе биде опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, како и модернизација на летало на Одделот за воздухопловни единици на МВР, со најмодерна опрема за комуникација и опрема за гасење пожари.

„Втората основна цел, која преку овој развоен буџет сакаме да ја оствариме, а е суштински испреплетена со првата која веќе ја образложив, е создавање на модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција“, рече Спасовски, додавајќи: „Оваа тековна година продолживме со набавка на униформи, па специјалните единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи и чевли се набавени и за Униформираната полиција, за Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ, за Хеликоптерската единица, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници. Покрај ова, ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, додека тековните бонус плати се исплаќаат навремено. На секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење“, подвлече Спасовски.

Така, во предлог буџетот на МВР за 2022 обезбедени се средства за зголемување на платите за вработените во Министерството за внатрешни работи за 5%, со цел продолжување на процесот на усогласување на платата за припадници на МВР, согласно постоечки договори за зголемување на плати, како и средства за бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година.

„Мотивираноста на полициските службеници се рефлектираше во добри резултати во генералната безбедносна состојба на подрачјето на државата во текот на 2021 година, која е стабилна, без сериозни безбедносни настани, а стапката на вкупниот криминалитет е намалена во однос на истиот период од минатата година. Притоа, сузбиени се седум организирани криминални групи во кои членувале 42 члена кои делувале во областа на недозволената трговија со дрога, мигранти и бесправна сеча на шуми. Во рамки на спречување на недозволената трговија со дрога, беа пресечени 12 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш, а во областа на недозволената трговија со оружје, откриените кривични дела бележат зголемување за 23,4 %, додека заплените со оружје, муниција и пиротехнички средства се повеќекратно зголемени. Бележиме зголемување на откривачката дејност и на случаи на корупција и коруптивни злоупотреби за 58,3%, споредбено со истиот период лани, а зголемено е и откривањето на ‘злоупотреба на службената положба’ со коруптивни елементи за 54%. Во однос на сообраќајот, тенденција на намалување има и бројот на жртвите во сообраќајните несреќи. И конечно, сето ова резултираше со рангирање на нашата држава како најбезбедна држава на Западен Балкан, која за неколку години од 71. место се искачи на 40.место“, потенцираше министерот Спасовски.

Според министерот Спасовски предлог буџетот на МВР за 2022 ќе овозможи низ планираните проекти и активности да се финишираат реформските процеси во министерството, со цел негово целосно сообразување со стандардите и нормите на современите и квалитетни европски и светски полициски практики, што е основа за уште подобри резултати во работењето на сите организациони единици на министерството.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи