Мрежата на ЛАГ-ови ги информира и советува жителите од руралните средини за остварување на непречен пристап до права 

Жителите на руралните средини се соочуваат со ограничени можности во секоја сфера на животот, а пандемијата со КОВИД-19 дополнително го продлабочи “јазот” во пристапот до права и услуги од социјална заштита и вработување.

Министерството за труд и социјална политика во рамките на својата надлежност е должно да им обезбеди на граѓаните ефикасно и законито остварување на нивните уставно загарантирани права. Дополнително, Општините треба да се вклучат во реализацијата на социјално-заштитната дејност за жителите на своето подрачје преку планирање на социјални активности и воведување на социјални услуги  приспособени на спецификите на општината.

Меѓутоа, истражувањата спроведени во руралните средини укажуваат дека жителите во овие населени места кои се наоѓаат во социјален ризик се соочуваат со предизвици како недоволно информирање, немање пристап до советување и поддршка и не им се обезбедени услуги од институциите, а пред се од Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална работа и единиците на локалната самоуправа.

Со поддршка на Федералното Австриско Министерство за Социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачи, Мрежата на Локални Акциони Групи на нашата држава во партнерство со Мрежата на Локални Акциони Групи на Република Австрија започнаа со воведување на социјални услуги на информирање и советување за жителите на руралните средини преку воспоставување на мобилни тимови. Од октомври 2021 година, започнаа теренски посети на жителите на населените рурални места на територијата на општина Прилеп, Кривогаштани, Долнени, Велес, Чашка и Градско.

Во соработка со Меѓуопштинските центри за Социјална Работа – Прилеп и Велес, Мрежата на ЛАГОВИ заедно со ЛАГ АГРО ЛИДЕР и ЛАГ ВАРДАР ЛЕАДЕР  преку непосредни и теренски посети придонесуваат да се постигне унапредување на пристапот кон правата и услугите од социјалната заштита, како и можностите за вработување за жителите од руралните населени места, и значително  да се приближи системот на социјална заштита и поддршка за вработување до оние на коишто им е најпотребна. Мобилните тимови на на граѓаните им обезбедуваат информативна и советодавна поддршка во решавањето на социјалните проблеми со коишто се соочуваат, им помогаат во обезбедување на неопходната документација и поднесување на формуларите и остварување на правата, а воедно ги идентификуваат приоритетите во посетените места со што им помагаат на Општините за донесување на развојни програми за специфичните потреби од социјална заштита и вработување на граѓаните од своето подрачје.

Во време на пандемија, мобилните тимови во период од два месеци посетија повеќе од 100 семејства во социјален ризик, а теренските посети ќе продолжат и во текот на зимските месеци за да се оствари непречен пристап до права и услуги за жителите на руралните средини.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи