Обединети работници: Работа, а не празни зборови!

Движењето за социјална правда „Обединети работници“ го изразува своето разочарување и револт кон централната власт на Република Македонија, но и кон сите релевантни чинители од општественото живеење, кои што продолжуваат да ги игнорираат домашните проблеми со кои што се соочуваат работниците, за сметка на водење празни политички игри кои имаат деструктивна природа и сериозни последици по сите нас.
Држава не се води со континуирани спинувања, лажни ветувања за “совршената“ ЕУ која никогаш не ни помогнала во тешките периоди, ниту пак со секојдневни политички договори и преговори кои малкумина ги збогатуваат, а многумина ги осиромашуваат. Држава не се води ниту со кршење на работничките права или пак со принуда и присила, а најмалку со таргетирање на неистомисленици кои се борат за доброто на колективот.
На тој начин не се подобрува животниот стандард на работниците. На тој начин не се води битката против економската криза која илјадници работници ги остава на улица и им го одзима парчето леб.
ДСП „Обединети работници“ апелира до сите политички партии кои што се дел од Собранието на Република Македонија, да престанат да ги занемаруваат предизвиците на обичниот народ, на искрените и чесни работници, и да започнат со наоѓање на конкретни решенија, преку носење на амандмански промени на постоечките закони од сферата на работните односи и социјалните права, да назначат вистински луѓе на клучните државни функции, како и да ги распределат средствата од Буџетот на РМ за борба против невработеноста и сиромаштијата.
ДСП „Обединети работници“ стои на располагање за консултација и координација со сите субјекти (политички, граѓански, синдикални, медиумски и сл.) кои што имаат чесни намери во борбата за унапредување на статусот на работниците, со цел да бидат направени правилни и суштински промени во целокупното општествено живеење, а не само козметички кои немаат никаква вистинска вредност за работниците.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи