Осврт кон творечкиот опус на Блаже Конески во библиотеката „Борка Талески“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Во библиотеката „Борка Талески“ која оваа година одбележува 75 години постоење денеска се одржа осврт кон творечкиот опус на Блаже Конески. Во чест на 100 години од раѓањето на Конески за неговиот живот и дело зборуваа академик Катица Ќулафкова, член на МАНУ, градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески и директорката на ГБ „Борка Талески“, Моника Талеска. Во рамките на денешниот настан беа промовирани едицијата изданија на МАНУ кои се резултат од еден долгогодишен проект, критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески.

„Се наближува денот на раѓањето на Блаже Конески, кога ќе ја одбележиме 100 годишнината и по тој повод јас дојдов како претставник на Македонската академија на науките и уметностите да ги промовирам на некој начин изданијата на МАНУ кои се резултат од еден долгогодишен проект, критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески. Се работи за дванаесет тома, во првите два тома е објавена поезијата, потоа препевите на Блаже, прозата, есеите на Блаже Конески ХХI век, кирилометодијевистиката и последните неколку томови се исклучиво лингвистички, значи завршуваме со граматиката негова и прилозите кон современиот македонски јазик. Тоа што се однесува до критичкото издание кое го иницираше академик Ѓурчинов јас го продолжив по неговото упокојување и со еден голем тим на лингвисти и на книжени теоретичари и научници успеавме да го завршиме ова значајно издание на Блаже Конески.

Академик Ќулафкова истакна дека пораката на Конески поврзана со јазик е дека македонскиот јазик е нашата идеална татковина, во таа смисла е нашата тотална како тој што рече или целосна татковина, а тоа значи татковина која е духовна и која го обединува македонскиот народ и македонските луѓе каде и да се наоѓаат во светот.

Конески е истакнат јазичар, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија.

„Изразувајќи ја мојата огромна почит, испраќам порака, аманетот што ни го остави Конески, да не се заборави. Македонскиот јазик, книжевност и култура да се негува во сите времиња и чува и штити во сите невремиња! Бидејќи јазикот, книжевноста и културата се нашиот код, наше наследство предадено од генерациите. Не само што не смееме да дозволиме да исчезне, да се засени, туку треба да го збогатиме и таков да го предадеме на генерациите по нас! Цепенков, Конески, Кепески и плејада други културни дејци се родени на оваа земја. Нивните корени се овдешни, а и подариле на Македонија и македонскиот народ, на светската наука – вечност. Чествувајќи го делото на Конески, ги упатувам моите честитки од името на Општина Прилеп и до сите вработени во градската библиотека, која оваа година ја одбележува 75 годишнината од своето постоење и успешно функционирање и 100 годишнината од раѓањето на својот патрон, народниот херој Борка Талески.“, истакна во своето обраќање градоначалникот Јовчески.

Директорката на библиотеката „Борка Талески“, Моника Талеска истакна дека  во приближно 135.000 книжни единици кои ги има библиотеката еден релативно мал дел од околу 200 единици се дела чиј автор е Блаже Конески но и дела кои што низ научната мисла го обработуваат неговото посветено дело.

„Особено сме горди на овој раритетен примерок од 1945 година со наслов „Македонската литература и македонскиот литературен јазик кој што има и свое ново издание сега. Значи го чуваме навистина како посебен примерок кој што има за нас огромна вредност и за нашите граѓани, читатели особено заради тоа што Блаже Конески е наш сограѓанин особено ни е драго што денес како библиотека го организираме овој настан скромно како што впрочем функционирал цел свој живот Блаже, да ја оддадеме нашата почит кон ликот и делото на великанот кој што навистина направи многу, го дефинираше книжниот, јазичниот фонд на македонскиот народ и македонската држава“, истакна директорката Талеска.

Во чест на одбележувањето на 100 години од раѓањето на Конески , пред неговата биста во центарот на Прилеп свежо цвеќе положија претставници од Општина Прилеп, библиотеката „Борка Талески“ и НУ „Завод и Музеј“ – Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи