ВИДЕО – Здружението „Преродба“ ја продолжи традицијата со виткањето на малите посни сарми за Св. Никола

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


После 1 година пауза поради пандемијата Прилеп повторно во недела ќе ја одбележи градската слава Свети Никола со славска трпеза во центарот на градот. Домаќин e истиот од лани, бизнисменот Тони Тарунџиоски. Но поради ковид мерките и годинава нема да има заедничко виткање на малите посни сарми од страна на прилепските домаќинки. Сепак за да не се прекине традицијата, членките од  здружението „Преродба“ завиткаа дел од овие мали посни специјалитети, кои се карактеристични по својата големина како лешник.

„Сармата односно зелката треба да бидии сторена и потоа се сечат мали ливчиња и откако ќе се насечат малите ливчиња се цедат, се прави оризот во кој се става сол, бибер, масло и црвен пипер. Со по неколку зрна ориз се витка сармичето и тоа доаѓа како лешник“, вели Менче Милошеска, членка на здружение „Преродба“.

 

„Само сега со ова болеста запрено е заедничкото виткање на сармите, но ете ние сакавме малку да се собериме, традицијата да ја продолжиме, да си свиткаме сармичиња, да се посмееме и да се дружиме. Свети Никола е  голем празник за нас и за цел град, особено за верниците“, додаде Летка Беќароска, членка на здружение „Преродба“.

Од здружението „Преродба“ велат дека поради Ковид 19 веќе скоро 2 години намалени им се сите активности, многу ретко се собиираат, но сепак не сакале да ги пропуштат обичаите за еден вака голем ден.

„Негувајќи ја традицијата сите овие години со ред не сакавме да изостане еден ваков голем ден кој во Прилеп го слават 60-тина проценти од фамилиите. Сакаме да пренесеме на помладите генерации дека треба да се чуваме, но традициијата не треба да ја заборавиме“, изјави Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружение „Преродба“.

Одбележувањето на празникот Св. Никола ќе започне во недела 08.00 часот со свечена литургија во Црквата Св. Благовештение, а во 12.00 часот пред Параклисот на Св. Никола во центарот на градот ќе следи водоосветување и прережување на празничниот колач. Во 12.30 часот е предвиден благослов на градската трпеза на плоштадот „Александрија“ пред камената бина, каде се поканети сите граѓани, кои треба да ги почитуваат сите мерки за заштита од Ковид 19.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи