ВИДЕО – Уникатното царство на Дедо Мраз во Кавадарци – донирал 23.000 новогодишни пакетчиња со сопствени средства

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Ако претходно сте мислеле дека Дедо Мраз живее во Лапонија сте биле навистина во голема заблуда. Тој бил толку блиску до нас што нема да верувате. Домот на Дедо Мраз се наоѓа во Кавадарци. Да, добро слушнавте, во Кавадарци. Кавадарчанецот Ѓорѓи Варелоски веќе 24 години е најпознатиот кавадаречки Дедо Мраз, кој во својот двор го има изградено вистинското царство на овој дедо со бела брада.

Дедо Мразовци, еленчиња, санки, лампиони, елки, илјадници светилки се дел од овој несекојдневен декор. Вакво нешто нема да може да видите во Македонија, па и пошироко. Приказната за Дедо Мраз започнала кога на Варелоски во 1996 година му паднала 6-ка на лото, па за тоа го честел пола Кавадарци и пошироко и со парите купил една елка која ја засадил во дворот и започнал да ја украсува за Нова Година. Тука започнале да доаѓаат дечиња да ја гледаат елката, а тој на секое од нив им давал барем по едно чоколадо и по 2 години од засадувањето на елката се „родил“ Дедо Мраз.

„Од година во година растеше апетитот кога ги гледаш насмевките и радоста на дечињата така што решив и јас да бидам среќен и весел кога се тие среќни и весели и елката порасна толку голема да до пред неколку години морав да правам и скеле за да ја накитам. Започнав со мал број на дечиња кои доаѓаа тука, сега бројот на дечињата се зголемува постојано, а дружбата со народот те прави среќен и весел“, вели Ѓорѓи Варелоски – Дедо Мраз.

За сите овие години има дадено над 23.000 новогодишни пакетчиња кои ги купувал со сопствени средства.

„Досега некаде имам дадено од 22 до 23.000 пакетчиња, некаде околу 700 дечиња сум пречекал тука, од различни градови, дури имав покането една година и гости од Црна Гора, така што ми причинува огромно задоволство. На дечињата порано на оние од социјално загрозени семејства им давав пакетчиња и за Бадник, за да секој на масата за тој ден да има барем по еден мал придонес. 24 години сето се мои лични средства. Кога ќе каже некој дека нешто ми дал сите мислат дека се тоа милиони, а тоа се скромни средства, но јас сум пресреќен на се и весел“, додаде Варелоски.

За да го подготви ова царство и да ги нареди сите овие украси на Варелоски му биле потребни околу месец и половина пред тоа да изгледа вака фантастично. Во украсувањето на дворот му помага целото семејство, а после Нова Година целиот овој декор се чувал во посебна просторија се до наредната Нова Година.

„Ми помагаат мојата сопруга Милка, синот Златко и другиот син Александар – Брзи, нормално и двете снаи, а од оваа година започна да помага и едното поголемо внуче. Така што сите учествуваме во ова украсување. Овие предмети понатаму после празниците сите се собираат во една просторија која е специјално резервирана за тоа. Но бидејќи ова сето е поставено во надворешни услови се кршат многу од овие работи и се трошат доста средства за да истите се обновуваат секоја година. Сето ова е огромен труд, но и огромно задоволство кое го правиме со мерак, а не со интерес“, рече Варелоски.

Од пред 2 години започнал да ги наплаќа пакетчињата кои ги дава по 150 денари, но тие пари не се за него туку повторно средствата ги донира во добротворни цели, на луѓе на кои помошта им е најпотребна, но и остава мал дел за одржување на овој двор. Сепак се надева дека во иднина и бизнисмените ќе бидат похумани и ќе му помогнат многу повеќе да го реализира ова негово хумано дело.

„Сепак јас си имам зацртано колку што ми е силата толку да дадам за хуманост и сум уште од среќен посреќен. Значи на еден начин да осиромашуваш, а да си среќен тоа е реткост, денеска сите гледаат само материјален интерес. Мојата порака е за дечињата да бидат среќни и весели. Треба сите ние тоа да им го дозволиме, но до одредена граница. За останатите да се огледаат на Дедо Мраз и мислам дека сите со мала донација ќе помогнеме за оваа хуманост. Фирмите во градот исто така, знаат дека го правам ова 24 години, ама јас сум еден од тие кои очекуваат некој сам да биде свесен и да донира, а не јас да одам и да барам и да молам, јас секаде каде одам планирам да си платам и да направам“, истакна Варелоски.

Додека го снимавме Дедо Мраз од Кавадарци, во негова организација, во неговиот дом, пристигнаа 60-тина дечиња од КУД „Китка“ од Истибања кој што тој ги прошета низ неговото царство, а на крајот им додели и пакетчиња. Играорците пак заиграа и оро заедно со Дедо Мраз.

Децата претходно во организација на Дедо Мраз имаа можност да посетат неколу фирми во Кавадарци, да видат каде и како се произведува виното, го посетија музејот за вино, но заиграа и оро на градскиот плоштад.

 „Ние сме фолклорниот ансамбл Китка од Истибања, за прв пат сме тука, премногу ни се допаѓа. Дворот на Дедо Мраз и прекрасен, но исто така ни беше убаво кога гледавме како се прави виното и кога го посетивме музејот за вино со стари предмети“, рекоа дечињата од Истибања.

Секако Дедо Мраз не би бил ништо ако до него не е и Баба Мразица, односно неговата сопруга, која го поддржува букквално во се.

„Доста и јас сум иницијатор за некои работи, а тој доста е само да посака некоја работа и јас веднаш му давам поддршка, многу сме задоволни од сето ова. Сите помагаме, целото семејство, тоа ни е задоволство огромно, така што не ни претставува некој голема тешкотија“, вели Милка Варелоска, сопруга на Ѓорѓи Варелоски.

 Секој оној кој сака да го види овој несекојдневен спектакл може да дојде во Кавадарци и да го посети домот на Дедо Мраз од 18 до 20 часот.

„Повелете дојдете, видете го вистинскиот Дедо Мраз во Кавадарци, тој доста знае да ги изненади дечињата со песнички со игри, огромно е задоволството и Дедо Мраз ќе се израдува многу и тие ќе бидат израдувани од Дедо Мраз“, додаде Варелоска.

Освен децата и Дедо Мраз има желби. А неговата најголема желба е во иднина неговиот дом да го посетат што е можно повеќе деца, не само од Македонија туку да започне со организирани тури со дечиња и од странство.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи