Општина Крушево во соработка со Дом на култура „Наум Наумовски Борче“ и неколку здруженија започнаа со уредување на спомен собата на Васил Иљоски која се наоѓа во горната училишна зграда „Никола Карев“.
Собата содржи лични предмети на авторот кои се донирани од страна на семејството Иљоски. Целта на оспособувањето на оваа соба е да се зачува културното наследство и да се промовираат делата на овој познат автор со потекло од Крушево.
„Започнавме со уредување на спомен собата на Васил Иљоски. Заедно со Домот на културата и неколку здруженија во оваа соба ќе изложиме лични предмети од познатиот македонски драматург, есеист и автор на „Бегалка“ кои беа донирани од страна на семејството Иљоски. Минатото зборува многу за нас, затоа да го чуваме, негуваме и да ни’ биде водилка во иднината“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
107