На денешен ден е роден Кочо Рацин кој вели: Да му го земеш јазикот на народот, тоа значи да му ја земеш душата

Facebook
Twitter
Email
Print


На денешен ден роден е македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – БОРБА ЗА ДУШАТА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

„Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата. Да му го земеш јазикот, тоа значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот национален персоналитет. И таа забрана овде (во Кралството Југославија, б.н.) и иста таква забрана во „бугарска“ Македонија, и во Грција – тоа е сè борба за душата на македонскиот народ, но не за тоа таа да се развие, туку да се уништи. И тука има едно фантастично совпаѓање: трите балкански буржоазии се единствени во нешто – во тоа да се одрече, а потоа да се уништи македонскиот јазик за да се избрише македонскиот народ како национална индивидуалност…Ете и историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат, за да ни ја земат душата, за да докажат дека сме племе без историски континуитет. Народ кој нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое национално утре. Ете, нашето вчера треба да исчезне за да се стопи нашето денес и за да се избрише секоја мисла за нашето утре. А континуитетот постои – континуитет на маки и страдања, но и континуитет на отпори, борби и еден чудовишен континуитет на национална отпорност и на народна жилавост“ .
[Кирил Миљовски, Со Кочо за македонскиот јазик, нација, историја, Кочо Солев Рацин. Избрани дела, Сеќавања на современиците, Избор, редакција и предговор Перо Коробар, Скопје, 1987, 150, 152.]

Коста Апостолов Солев е роден на 22 декември 1908 година во Велес, во семејството на сиромашниот грнчар Апостол Солев.

Имал гладно и сиромашно детство во кое многу работел и учел. Рано го сфатил ропскиот живот на македонскиот народ и затоа уште во детството кај него се јавила омраза кон експлоататорите.

Поради сиромаштија го прекинал школувањето во II клас нижа гимназија и му се посветил на татковиот, грнчарскиот занает. Но, секој слободен момент го користел за читање, повлекувајќи се на таванот и учејќи на свеќа. Ги читал делата на најистакнатите марксисти, социолози, писатели и мислители.

Меѓу двете светски војни станал член на Комунистичката партија на Југославија.

Во 1939 година, во Самобор, до Загреб, била отпечатена на македонски јазик стихозбирката „Бели мугри“. Книгата била забранета, но сепак брзо се раширила меѓу македонското население.

Во 1941 година Рацин работел во Софија, но по смртта на Коле Неделковски, бил гонет од софиската полиција, па избегал во Скопје.

Тука работел во Народната библиотека, а живеел илегално. Малку подоцна се вклучил во партизанските одреди. Го издавал весникот „Илинденски пат“. Работел во партизанската печатница и подготвувал нова книга за печатење.

Загинал несреќно на 13.6.1943 година, на планината Лопушник.

Поетско творештво

Кај Рацин јасно се издвојуваат две фази во неговото творештво.

Првата фаза опфаќа песни напишани на српски (и бугарски) јазик, а втората, на македонски.

Прва фаза

Првата фаза ги опфаќа песните посветени на невозвратената љубов што тој ја чувствувал кон Рахилка Фирфова-Раца. Тој ѝ пишувал картички со љубовни изливи, а некои од нив ги напишал со сопствена крв.

Овие песни, вкупно 24 (19 на српски и 5 на бугарски јазик) како и 31 картичка го сочинуваат поетскиот ракопис „Антологија на болката“.

Во картичката од 6.10.1928 година, тој ќе напише:

„Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе. Антологија на болката… и мое портре ако побараш… Капка крв од моето тело и душа — ја имаш веќе… Моето идно име — ме врзува засекогаш со тебе….

… Прости ми или проколнувај — сеедно.

А јас сè љубам, сè проштевам, и сè заборавам…

Едно само жалам: што не ја чув Смислата преку звукот на твоите зборови… или барем нивната трага со мастило…

Таа никогаш не му одговорила на неговите љубовни изливи.

Освен овие песни, во првата фаза спаѓа и обидот да напише роман „Афион“ или „Опиум“, на српски јазик, кој не го довршил, а ракописот бил запален при неговото апсење во 1934 година.

Во 1932 година, добива награда од хрватското списание „Литература“ за новелата „Во каменоломот“.

Тој ги напишал и расказите: „Резултат“, „Златен занает“, „Татко“, „Тутуноберачи“, „Пладне“, „Еден живот“, „Радоста е голема“, „Јулус“, „Новак“.

Втора фаза

Во втората фаза, Рацин ќе биде преокупиран со животот и експлоатацијата на македонскиот народ и ќе пишува на македонски јазик.

Ќе ја напише и објави стихозбирката „Бели мугри“, како и неколку есеи, критики и историски осврти.

Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, од кои 2 се циклуси (со по 6 и 7 песни) напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Односно, според лирскиот вид, сите песни во збирката се социјални, а мотивите се: аргатски, печалбарски, за пропаднатите занаети, елегични и револуционерни.

Насловот на стихозбирката е симболичен — пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви.

„Бели мугри“ е создадена под влијание на народната поезија, на „Зборникот“ на Браќата Миладиновци.

Со аргатски мотив се песните: „Денови“, „Селска мака“, „Тутуноберачите“, „Печал“.

Во стихозбирката „Бели мугри“ елегија е: „Ленка“, можеби најпознатата, антологиската песна на Рацин и балада: „Балада за непознатиот“.

Со мотивот на пропаднатите занаети, Рацин се преокупира во циклусот песни „На Струга дуќан да имам“. Циклусот содржи седум песни кои може да се поделат на два дела: првите — во кои се искажува тагата заради пропаднатите занаети; и вторите — во кои се искажува револтот против капиталистичкото општество.

Циклусот, жанровски го определуваме како елегија, во која се искажува носталгијата по некогашниот чаршиски живот, љубовта меѓу луѓето, љубовта кон саканата и желба за враќање на старите времиња.

Разочараноста на поетот од животот на работниците во капиталистички услови е основен мотив во целата збирка песни. Тој речиси во сите песни се помирува со таквиот живот, односно само ја потенцира тешкотијата без да даде предлог како тој живот да се подобри.

Единствено во песната „Копачите“, која е со експресионистичко-револуционерен мотив, поетот јасно повикува на борба против таквиот живот, повикува на револуција.

Останатите песни на Рацин се со: печалбарски мотив, песната „Проштавање“; патриотски мотив, „Елегии за тебе“ и „Утрото над нас“ и исповедно-патриотска е песната „Татунчо“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи