Веруваме во силата на младинската работа која ќе го промени животот на младите луѓе.
Што значи за нас младинската работа?
Младинската работа е посебен образовен процес адаптиран со различни методи за поддршка на личниот, социјалниот и образовниот развој на една млада личност кој има за цел да ги истражува нивните вредности, верувања, идеи и прашања, им овозможува да го развијат своето влијание и место во средината, да стекнат сет на практични и технички вештини и компетенции со цел да го реализираат својот целосен потенцијал.
Принципите на младинската работа вклучуваат рефлексивна практика и едукација на врсници, воспоставување и одржување односи со младите луѓе и групите во заедницата.
Тоа е она што за нас значи младинска работа, обезбедување поддршка и алатки за позитивна иднина преку практично и неформално образование. Младинската работа ги ублажува бариерите, давајќи им на младите и социјално исклучените безбедно место каде да одат, да имаат со кого да разговараат, некој кој може тивко да ги разбере и процени нивните потреби и да им помогне да станат активни и позитивни учесници во нивната средина.
Младинската работа често има влијателна едукативна димензија. Вообичаено, образованието или учењето кое се применува во младинската работа е неформално образование. Младинската работа и неформалното образование имаат многу заеднички карактеристики. Младинските работници им помагаат на младите да се развиваат како поединци, да се едуцираат, да ги зајакнат вештините за барање на работа и да играат позитивни улоги во општеството.
Секој што работи со млади луѓе или има тинејџери дома може да се идентификува со грижите со кои се соочува нивната генерација и со притисоците со кои се соочуваат во врска со тестови, учење, социјален живот, социјалните мрежи и многу други надворешни фактори. Најновите истражувања поврзани со однесувањето на младите даваат податок дека дека дури 1 од 6 млади луѓе доживуваат состојба на анксиозност во одреден момент од својот живот или живеат со анксиозност, без разлика дали тоа е OCD (опсесивно компулсивно нарушување), социјална анксиозност и срамежливост, стрес од тест, загриженост или напади на паника.
Дополнително на ова, поголем број млади луѓе страдаат финансиски, живеат во детска сиромаштија и страдаат од материјална депривација и социјална исклученост, додека се борат да добијат каква било економска поддршка за подобрување на нивната состојба.
Тука би ги спомнале и младите кои се невработени и активно бараат работа. Се повеќе млади луѓе не знаат како да пристапат на пазарот на труд, имаат негативни ставови за работниот процес, за квалитетот на живот во нашата држава со што се влошува нивното ментално здравје и ја зголемува можноста да западнат во неволја.
Ова се случаите каде младинската работа влегува во игра. Младинските работници имаат мисија да помогнат во обезбедување на вештини на младите преку серија на неформални активности за активација, поттик и активно учество. Предводени од младите ќе се погрижиме гласот на младите да се слуша. Идните проекти ќе бидат поддржани од искусни младински работници со вештини и знаења да ги проценат потребите на младите луѓе со кои работат и да го идентификуваат најдобриот начин за нивна поддршка.
Младинската работа низ Европа ја спроведуваат голем број на различни институции и организации. Карактеристика на младинската работа е тоа што е разновидна, има многу различни форми и модели кои се применуваат во земјите на ЕУ. Развиените земји како Франција и Германија, имаат долга традиција на професионална младинска работа (квалификуван кадар кој работи со млади луѓе преку програми и институции финансирани од локални и национални власти). Други земји имаат добро воспоставени структури за доброволна младинска работа (активности обезбедени од волонтерски организации), додека во некои земји постои како услуга во рамките на обезбедувањето сна оцијална помош, при што практиките за младинска работа се ставени во служба на вработливост, социјална вклученост и социјална помош.
Младинската работа е од витално значење во нашите заедници. Придобивките што ги обезбедува за младите се реални и долготрајни. Во споредба со јавните услуги кои се достапни за младите кои имаат проблеми, додека услугите за младинската работа имаат улога да ги превенираат или спречат истите.
Автор: Мариче Тренеска