ВИДЕО – Новогодишни куќарки, пештерата на Христос, Етно куќи – уникатни минијатури на прилепчанецот Дарко Мирчески

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Веќе 8 година по ред Дарко Мирчески од Прилеп изработува уникатни новогодишни куќички, изработени во етно стил, декорирани со природни материјали, како камен, кој го носи специјално од Мариово, дрво, слама, трски и друго. Осветлени се со сијалички и украсени со елки, дедо мразовци, снешковци и други празнични елементи.

Со ова хоби започнал бидејќи многу ја сака зимата, но и куќите изградени во стар стил. Токму затоа изработил една таква, чија фотографија ја постирал на социјалните мрежи, по што веднаш започнале прашања дали изработува и продава вакви куќарки. Така што поради заинтересираноста на граѓаните ова хоби прераснало и во бизнис. До сега има изработено околу 300 вакви куќички, а во една сезона прави и по 50 вакви макети.

„Првата куќичка ја направив за себе, таа беше некој слине модел како оваа, веднаш ја пуштив на социјалните мрежи, ФБ, Инстаграм и тие си го направија своето, луѓето започнаа да прашуваат за цена, до ден денес добивам позитивни коментари и критики. И така започнав освен своите потреби да ги задоволувам и потребите на муштериите. Пред се се обидувам да користам природни материјали за фасадата, односно тоа е каменот, дрвото и пред се имитација на снег, поради волуменот за тоа го користам памукот, а за основата на градбата го користам картонот. За поголеми модели пак на куќички користам и други материјали, како иверица, гипс картон и друго, во завиност од моделот. Бидејќи овие модели пред се се наменети за чување во домашни услови“, истакна Дарко Мирчески, изработувач на макети на новогодишни куќарки.

Изработката на една ваква куќичка трае и по неколку денови, во зависност од нејзината големина и со колку елементи треба да биде декорирана. Подготовките за изработка на овие празнични куќарки ги започнувал уште од септемврии кога почнувал да ги набавува потребните материјали, но исто и да изработува дел од украсите.

„Една куќарка се изработува од 2 до 7 дена. Тие помалите се изработуваат за 2 или 3 дена, а некои кои се поголеми, посложени, со повеќе детали или ситници за нив се бара и повеќе време, можеби една недела. Најголемата куќичка има димензија 80 на 70 сантиметри, таа воедно е и најбогата со украси и декорации, има и фурни, скари, запрежни коли, чардак, скали  и затоа изработката трае подолго време. Подготовките ми започнуваат некаде во месец септември кога и етапно започнувам да ги пуштам и огласите. Така што се си бара свое време. Најпрво треба да се подготват мали детали како што се запрежни коли и други елементи, треба да имаме изработено пред Нова Година кога веќе имаме зголемена побарувачка и нема да може да се стигне да се завршат сите тие ситни детали, затоа постепено дел по дел си ги спремам некои материјали, а за самата изградба чекам во моментот на порачка“, додаде Мирчески.

Секоја година побарувачката му се зголемува така што во изработката на овие куќички кога има повеќе работа му помагаат и неговата сопруга, синот и ќерката. Но освен овие зимски куќарки тој изработува вакви модели и во текот на целата година. Во лето изработува куќарки во етно стил кои се најчесто по порачка.

„Во овој период ги изработувам куќичките со новогодишни мотиви, кога ми се јавуваат и луѓе и покажувајќи ми примери ме прашуваат дали можам да им направам таква куќа каква што сакаат. А пак во летниот период изработувам макети кои немаат вакви зимски мотиви, тоа се оние селски куќи кои се покриени со камени плочи и ред други работи и најчесто тие куќи ги изработувам по слика и можам слободно да се пофалам дека имам 99% иста споредба помеѓу оригиналот и мојата изработена макета. Работам куќи кои биле од постаро време, некои се дури и распаднати, а исто така изработувам параклиси, односно црквички, макети на црквички. Тука исто така можам да кажам дека изработувам цркви кои се исти со оригиналот“, рече Мирчески.

Освен куќарки веќе неколку години за овие празници ја изработува и макетата на пештерата во која се родил Господ Исус Христос.

„Не може да се замисли зимата, Новата Година и празниците ако не се спомене Божик. Е сега најприфатливо во нашата вера се јаслите во кои се родил Господ Исус Христос, тоа е тешко да се направи во оригинална верзија, но за имитација јас користам пурпена со која обликувам еден вид на пештера во која што ги ставам фигурите и мислам дека е баш оригинално и слично на она што си го носи самиот ден Божик. Не можам да кажам што се троши повеќе, пештерките или куќичките, секако тоа зависи од самите муштерии, но можам да кажам дека се бараат и двата модели“, истакна Мирчески.

Во иднина предизвик и идна цел ќе му била да направи изложба со овие свои уникатни минијатури.

„Во иднина би сакал да организирам една изложба пред се на макетите кои ги правам со старските куќички од по селата. Бидејќи ова со зимските куќарки го сметам некако како за луксуз и со овие зимски куќарки би сакал да организирам некое Божикно село. Не само кај нас туку таа изложба да се направи и во странство, за да покажеме се што имаме како држава. Располагаме со една иста архитектура, но сепак за секој крај различна архитектура. Да се вклопи сето тоа во едно исто место би било одличен предизвик“, вели Мирчески.

Засега овие макети ги продава само во Македонија, но негова желба е исто така нив да започне да пласира и во странство.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи