Придобивки од практикантство

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Многу од младите по добивањето на факултетска диплома се подготвуваат за работно место. Меѓутоа, постои момент каде што може да се појави чувство на паника за тоа дали ќе ја добијаат работата од посакуваната област. „Дали сум подготвен/а?“, „Дали ќе можам да се прилагодам?“, „Како ќе ме прифатат?“, се дел од прашањата кои често си ги поставуваме. За да го ублажат овој стрес, младите можат да преземат неколку чекори кои би им помогнале да бидат поподготвени за соочување со пазарот на труд.

Свесни сме дека прво нешто што работодавците бараат при селекција на кандидати кога донесуваат одлука за вработување е искуството. Ако ги погледнеме локалните огласи за работа, ќе забележиме дека во повеќето од нив се бараат работници со релевантно работно искуство, без разлика дали истото е стекнато преку волонтирање, практикантство или работа за време на периодот на студирање.

Еден од најдобрите начини за да се стекне искуство е преку практикантство. Многу работодавци го користат практикантството како „алатка“ за регрутирање на млади, која им овозможува да проверат дали младото лице соодветствува за работната позиција, па дури и да го вработат, откако ќе се уверат дека направиле добар избор.

Важноста на искуството стекнато преку практикантство не може да се потцени. Преку практикантството ќе имате можност да се стекнете со непроценливо професионално искуство, кое сте го немале претходно, вашата самодоверба и самопочит ќе се зголемат, а воедно и процентот на шансите да бидете еден од младите кои полесно наоѓаат работа ќе се зголемат. Вашето искуство од практикантството го вклучувате и во вашата биографија (CV) како професионално искуство.

На кој начин работодавачот би се потрудил да ја зголеми ефикасноста и профитабилноста и да влијае на позитивна промена? Еден начин е да се осигура дека новите вработени имаат познавања од областа и дека носат ефикасност на работното место. Друг начин е да се обиде да ја зголеми работната сила со енергичен кадар кој има познавања и кој работи на скратено работно време. Трет начин е работодавачот да се погрижи на работното место да има нови лица со свежи идеи, дозволувајќи им на претходно вработените да ја имаат улогата на ментори и да ги охрабрат младите да бидат похрабри во својата професија. Користењето на практикантството може да биде одговор на сите овие начини за позитивни промени.

Останува прашањето зошто повеќето млади не сакаат да се вклучат во практикантска работа? Најчест одговор е дека немаат време. Сепак, во замена за тоа време стекнуваат практично искуство во светот на работата и добиваат насоки за работни вештини. Практикантството ја збогатува вашата биографија, создава можности за вмрежување и запознавање на нови луѓе и може да ви обезбеди референца за идни апликации за работа.

Сепак, најдобрата информација за донесување одлука за практикантство и кариера е да се истражи вистинската работна средина која е од интерес на младото лице!

Автор: Лела Јурукова, Асистент за логистика и членство во Коалиција СЕГА

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи