Реакција на ССНМ и ЗНМ на отпуштањето на 6 телевизиски работници од ТВ Алфа

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска на прес-конференција реагираа на одлуката на директорот на Телевизија Алфа да отпушти 6 работници, членови на Синдикатот, меѓу кои и еден од синдикалните претставници на ССНМ во овој медиум.

„Сакам да ве информирам, да укажам и да побарам поддршка во оваа прилика за шестемина наши колеги, членови на ССНМ, кои оваа недела добија откази во Телевизија Алфа и наместо редовни плати, додатоци и К-15 за новогодишните празници, добија неизвесност за нивната егзистенција, но и за нивните семејства, откако директорот на Алфа телевизија, Јани Бојаџи во знак на реваншизам им врачи откази, спротивни на Законот за работни односи“, изјави претседателот на Синдикатот, Павле Беловски.

Беловски нагласи дека директорот на телевизијата „свесно го крши Законот за работни односи“, отпуштајќи и еден од претставниците на ССНМ во Телевизија Алфа, кого Законот го штити од отказ, а ваквата одлука ја образложува дека е од деловни причини.

„Отказ на вработен поради учество во синдикални активности само по себе е неправедно и токму поради тоа законот предвидува посилна заштита на синдикалните претставници, која Бојаџи не ја почитувал“, изјави Беловски.

Претседателот на ССНМ информираше дека случајот е пријавен и до надлежниот трудов инспекторат и оти очекуваат позитивно решение во корист на вработените. Дополнително за синдикалните членови, Синдикатот обезбеди и правна помош.

Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, во своето обраќање истакна дека отпуштањето на група медиумски работници „под сомнителни околности од страна на менаџментот на Алфа негативно се одразува на повеќе нивоа“.

Тој истакна дека отпуштањето работници претставува тежок чин во секој сектор, но во медиумскиот има сериозно влијание поради кревкиот пазар и ниските плати, а дополнително влијае и на намалување на атрактивноста на професијата и во обесхрабрувањето на младите луѓе да се занимаваат со оваа професија.

Според Беловски одлуката на директорот на телевизијата следела по низата преземени синдикални активности од страна на сто вработени во Алфа телевизија, од кои 70-тина членови на ССНМ, во насока на барањата раководството редовно да исплаќа плати и придонеси, што во оваа година во четири наврати доцнеле и до три месеци. Покрај доцната исплата на плати, на вработените во телевизијата им било скратено правото на здравствено осигурување, со што се загрозува и здравствената состојба на вработените.

Тој му порача на директорот на телевизијата дека незаконскиот отказ ќе биде препознаен во судската пракса, а финансиската штета ќе падне на товар на компанијата што наведува на впечаток дека лошото менаџирање ги уништува медиумите во кои опстојуваат стотици новинари.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи