ВИДЕО – Конечно започна конзервацијата на иконостасот во црквата Свето Благовештение стар над 180 години


Конечно започна конзервацијата на иконостасот во црквата Свето Благовештение во Прилеп, кој е стар повеќе од 180 години и беше оставен буквално на забот на времето. После опсежниот проект на анализа на техниката на изработката на иконостасот и дел од иконите се започна со негова заштита во најдолните слоеви. Иконостасот е изработен најголем дел од ореово дрво, на некои места како позадината употребуван е и бор.

„Дрвото е сепак подложно на напад на габи, инсекти, утврдени се активни црвојадни големи отвори, можеби не во голема мера, но има и активни од нив. Работиме со инјектирање, се прави дезинфекција и дезинсекција со специјални препарати кои се одобрени во проектот. Премачкување исто така на целокупната резба и имрегнација. Во тие отворите за да не дојде до повторно создавање се врши импрегнација со ново средство. И се врши интервенција на вградените икони, исто така тие површински се чистат, се вадат преслики“, истакна Оливера Макриевска, конзерватор во Завод и Музеј Битола.

Иконостасот е трет по вредност во Македонија, после оној во Бигорскиот манастир и црквата Свети Спас во Скопје, но прв според својата големина. Изработен од Мијачките мајстори.

„Носечките столбови кои го носат иконостасот се во добра кондиција, но во пазисите, кои влегуваат најдолу во земјата, се прави обновување на тие столбови и поставување нови столбови, покрај старите, исто од орев, за да се заштити комплет конструкцијата на иконостасот. Со ова би го заштитиле за наредните 100 години. Се работат и сликаните медаљони кои се наоѓаат на самиот иконостас. Ова го потенцирам бидејќи престолните икони и дверите не се сега предмет на третирање на овој проект и ќе бидат дел од проект откако ќе заврши овој“, додаде Благоја Атанасоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

Оваа година за проектот биле одделени 280.000 денари од Министерството за култура, а планирано е истиот да трае неколку години. Експертите исто така препорачуваат за негова заштита барем 2 пати годишно да се чисти и да се отстранува прашината од него.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи