МСМЈЛК при УКИМ почна иницијатива за отворање на лекторат по македонски јазик во Анкара

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Во годината кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на кодификаторот на македонскиот стандарден јазик Блаже Конески, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) почна иницијатива за отворање нов лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Анкара.

Како што информираат од МСМЈЛК, доколку се остварат плановите, ова би бил втор лекторат во Турција, по оној во Истанбул, кој е отворен уште во 1985 година и кој оваа година го прослави својот значаен јубилеј – 35 години од почетокот на  изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура. Тој е еден од највлијателните лекторати со над 100 студенти што го изучуваат македонскиот јазик.

Во рамките на оваа иницијатива, во средината на декември, во Анкара престојуваше лекторот Дарко Темелкоски, кој заедно со македонскиот в.д. амбасадор во Турција, Ханиф Даути, се сретна со директорката на Службата за меѓународни односи на Анкарскиот универзитет, проф. д-р Озге Улкер. На состанокот, се посочува, беше истакната важноста од отворање лекторат по македонски јазик, литература и култура во Анкара, пред сѐ заради потребата да се создаваат и поддржуваат нови генерации проучувачи на македонскиот јазик, во рамките на славистиката, како и дополнително да се воспостават нови мостови меѓу двете земји и култури и меѓу двата универзитета.

Договорено е соработката меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Анкарскиот универзитет да продолжи, а во периодот што претстои да се одржат информативни часови за студентите на Анкарскиот универзитет на кои тие ќе се запознаат со она што би го изучувале на самите часови по македонски јазик. Тие средби би биле и во правец и на кратко запознавање на студентите на Анкарскиот универзитет со македонската историја и култура, како и со она што ги поврзува двата народа.

Инаку, постојниот лекторат по македонски јазик при Катедрата за славистика на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, не само што е еден од највилателните, туку е и еден од најбрзорастечките лекторати. Во академската 2016/2017 година, на лекторатот имаше 26 студенти, со можност да се избере само еден предмет од областа на македонистиката, а сега, веќе се изучуваат пет предмети и бројот на студенти уште пред почетокот на пандемијата достигна околу 130 студенти.

„Ваквиот развој на лекторатот во Истанбул се должи како на залагањата на МСМЈЛК при УКИМ, така и на големата поддршка и големиот влог од страна на Истанбулскиот универзитет, особено на Катедрата за македонски јазик и литература. МСМЈЛК при УКИМ, иницијативата за отворање уште еден лекторат во Турција ја остварува со желба и уверување дека ваквата успешна приказна ќе се случи и во Анкара, со взаемни залагања и вложувања на двата универзитета, имајќи ја предвид поврзаноста меѓу двете култури и двата народа и пред сѐ имајќи го предвид интересот на младите турски филолози за изучување на македонскиот јазик, литература и култура“, стои во соопштението од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи