Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ – Да создавамe перспективи младите да ја градат кариерата во нашата држава

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Претседателот Стево Пендаровски, денеска го додели признанието „Успешни млади”, во рамки на проектот инициран за поттикнување на научната, истражувачката и креативна работа на младите луѓе од земјава. Целта е креирање на политики кои ќе придонесат да се намали одливот на млади луѓе од нашата земја, како и за создавање на перспективи за младите и успешни кадри.

Комисијата која е составена од реномирани домашни и странски професори и експерти од своите области, одлучи оваа година признанието да го добијат шестмина учесници.

Во категоријата најдобар млад научник во природно-математички и технички науки, добитник е Петре Ламески. За афирмација на инклузијата на млади со попреченост комисијата донесе одлука признанието да го додели на двајца кандидати, Андон Дамовски и Марија Савеска. Во категоријата најдобар млад уметник, добитници се Сашо Димоски и Билјана Камчева. Добитник на признанието Млад талент кое се доделува на ученици и ученички од средните училишта е Матеј Милосиевски.

Претседателот Пендаровски им го честита успехот на добитници на признанието и на сите останати кандидати кои се пријавија на јавниот повик, посакувајќи им добро здравје, среќа и понатамоши професионални успеси.

 „Пристигнатите трудови и нивниот квалитет потврдуваат дека младите кај нас навистина поседуваат исклучителни таленти. Верувам дека за добитниците, признанието ќе претставува своевидна валоризација на нивниот труд и поттик да продолжат напорно да работат и да се развиваат во своите области. Исто така, се надевам и на иницирање на соработка помеѓу апликантите и добитниците на признанија и од иста и од различните категории, при што, ќе се разменуваат идеи и иницираат мултидисциплинарни истражувања и проекти, порача претседателот Пендаровски.

Претседателот истакна дека за успешните млади секогаш мора да бидат отворени образовните, научните и културно-уметничките институции, стопанските субјекти и креативните индустрии.

„Да се трудиме секој во својот домен и во рамките на ингеренциите и на можностите да работиме на создавање перспективи за младите и успешни поединци да останат и да ја градат својата кариера во Република Македонија. Јас и моите соработници стоиме на располагање преку проекти и иницијативи да придонесеме за поддршка на успешните млади”, рече во обраќањето претседателот Пендаровски.

Добитниците на признанието се заблагодарија на претседателот и на Комисијата, за вреднувањето на нивниот труд истакнувајќи дека ова за нив претставува дополнителен поттик и мотивација да продолжат со професионалното усовршување, секој во својата област.

Признанието „Успешни млади” се доделува по втор пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи