Здравјето и пристапот до правда во време на пандемија

Овозможувањето на непречен пристап до правда за сите, а особено за граѓаните од маргинализираните заедници, е процес полн со предизвици и пречки дури и во најидеални услови. Дотолку повеќе, сите потешкотии кои на тој пат се јавуваат очекувано е да станат уште поизразени, кога се појавува една целосно непредвидена ситуација која влијае на општествените процеси на светско ниво.

Пандемијата на КОВИД – 19 во голем дел негативно влијаеше и го уназади постигнувањето на еднаков пристап до правда за сите од повеќе причини; загрозувањето на здравјето најтешко ги погодува социјално исклучените категории на граѓани кои потешко можат за себе да овозможат редовна и квалитетна лична хигиена, лекарска грижа и заштитни средства. Лошите услови за домување ја прават социјалната изолација и држењето на препорачаното растојание скоро невозможни. Променетиот начин на работа на институциите и намаленото работно време го отежна остварувањето на правата од социјална заштита и од работен однос, но и од други области кои беа погодени. Дополнително, ненадејното воведување на услуги кои вклучуваат онлајн комуникација беше изненадување и ги начека тотално неподготвени лицата од маргинализираните заедници кои никогаш претходно немале потреба ниту знаат како да пополнуваат онлајн апликации, барања или воопшто да комуницираат на ваков начин.

Иако воведувањето на економските антикризни мерки имаше за цел справување со кризата и намалување на економските последици за граѓаните, сепак истото во неколку наврати, а особено во третиот и четвртиот пакет на мерки резултираше со огромни колони на граѓани пред банките и другите институции, што дополнително доведе до ризик од ширење на пандемијата. Повторно, на удар се најсиромашните и социјално исклучените.

Во доменот на земјоделието, исто така се забележа криза. Откупот на суровиот тутун во лист од реколтата 2020, кој започна на 15 ноември 2020, започна многу лошо за граѓаните-производители, по ниски цени, со сортирање во трета и четврта класа, и тоа често за висококвалитетен тутун, што е погубно за граѓаните на општините Прилеп, Крвогаштани и Долнени, кои во најголем дел живеат или добиваат дел од приходите токму од производството на тутун. Ова резултираше со масовни протести, повторно во време на пандемија, и повторно по ризик за здравјето на овие граѓани. И покрај протестите, и ветувањата од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за земјоделие како и приватните откупни компании, откупната цена и оваа година е многу под просечната во последните 10тина години, а на граѓаните земјоделци им се заканува сериозна финансиска криза поради тоа.

Во делот на образованието, воведувањето на хибриден модел на настава заради спречување на ширењето на пандемијата, иако се покажа успешно во поголемите места, за дел од учениците, а особено за оние од маргинализираните заедници, се применува со потешкотии. Дел од учениците сеуште немаат непречен пристап до технички помагала за следење на онлајн настава, а и ако имаат условите во кои живеат им го прават ваквиот процес сериозно тежок и предизвикувачки. Во помалите места од руралните средини пак, каде се дозволи следење на настава со физичко присуство заради малиот број на ученици и можноста да се почитуваат мерките, се истакна проблемот со лошата инфраструктура, немањето задоволителни хигиенски услови и средства, што сериозно го отежнува почитувањето на превентивните заштитни мерки.

Јавното здравство на кое во најголем дел се потпираат граѓаните од маргинализираните заедници, бидејќи приватното не можат финансиски да си го дзволат, најсилно ги истакна сите свои мани и недостатоци кои се таложеле низ годините, а кои сега се срушија врз грбот на најранливите. Недостатокот на соодветна медицинска опрема, недоволниот број на медицински кадри, партиските вработувања во овој сектор кои традиционално се реализираат веќе со години наназад, сето тоа доведе до една критична состојба на јавното здравство од која тешко се излегува на крај и во редовни околности, а дотолку повеќе во вакви вонредни кога има светка пандемија.

Во однос на примената на превентивните мерки за заштита од КОВИД-19 и нивната прилагоденост кон потребите на маргинализираните заедници, за потребите на Фондација Отворено општество – Македонија, во рамки на проектот Дијалог кон ЕУ, подготвена беше студија на случај ЕФЕКТИТЕ НА УСВОЕНИТЕ МЕРКИ НА НАЦИОНАЛНО НИВО ВО УСЛОВИ НА КОВИД-19 И НИВНОТО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ СЕКТОРОТ ЗДРАВСТВО НАЛОКАЛНО НИВО[1]. Заклучоците од тренското истражување, кое се однесуваше специфично на ромската заедница во Прилеп, го покажаа следното:

  • Мерките за превенција и заштита од КОВИД-19 донесени на локално ниво се носеа без доволна консултација со ромската заедница. Тие се носеа генерално за целото население на Општина Прилеп, и не беа доволно приспособени на специфичните услови за живот на оваа заедница.
  • Мерките за превенција и заштита од КОВИД-19 донесени на национално ниво само делумно влијаеја позитивно врз справувањето со болеста кај ромската заедница во Прилеп. Дел од граѓаните Роми, поради специфичните условиво кои живеат, како што се лошата инфраструктура, немањето соодветни живеалишта и недостигот на непречен пристап до чиста вода, не беа во можност да ги почитуваат мерките и соодветно да се заштитат.
  • Повеќе од 30% од граѓаните Роми не биле во можност да добијат навремена, соодветна и квалитетна здравствена заштита поврзана со КОВИД-19, односно се соочиле со пречки при добивањето на истата. Овие пречки главно се однесуваат на недостигот на лекови и медицински средства, долгото чекање за преглед и третман, но и на несоодветниот однос на медицинскиот персонал.
  • Како резултат на состојбите поврзани со пандемијата со КОВИД-19, 17% од граѓаните Роми кои имале потреба да користат други здравствени услуги неповрзани со КОВИД-19 не биле во можност да добијат навремена, соодветна и квалитетна здравствена заштита, што кај 25% од нив резултирало со влошување на состојбата[2].

Оттука, може да се истакне дека мерките за превенција и заштита од КОВИД-19 на национално и на локално ниво не го дадоа потребното позитивно влијание во справувањето со пандемијата не само кај ромската заедница и не само во Прилеп, туку тоа генерално може да се смета за точно и кај другите маргиналиизрани и исклучени заедници кои живеат во исти или слични услови.

Она што беше забележано како појава која негативно влијаеше на граѓаните во периодот од февруари до мај 2021, е одложувањето на усвојувањето на петтиот пакет мерки од страна на Собранието на РСМ, поради партиски калкулации и условувања. Имено, иако Владата уште на 16 февруари го предложи петтиот пакет мерки кој беше насочен кон помош на фирмите и граѓаните, во Собранието истиот беше изглесан дури по изминувањето на два месеци, односно на 18 април. Причината беше несогласувања помеѓу неколку партии во Собранието поради други закони кои беа ставени на гласање на иста седница со петтиот пакет на економски мерки, па пратениците од опозициските партии го блокираа донесувањето на истите, а Претседателот на собранието одбиваше да ги раздвои истите со цел економските мерки да не трпат одлагање поради другите политички несогласувања. На ваков начин за период од два месеци им беше ускратена толку потребната помош на граѓаните поради освојување на дневно-политички поени од страна на политичките партии.

Исто така, проблемите со решавање на статусните прашања и пристапот до лична документација излегоа на површина во изминатиот период, како долгогодишни системски пропусти кои особено во време на пандемија, најсилно ги погодуваат најралнивите граѓани. Така повеќе жители на руралните места, инакустрански државјани а во најголем дел жени, се пожалија на одолговлекување на постапките за прием во државјанство, што особено им ја отежнува ситуацијата во време на пандемија, бидејќи без статус на државјани не можат да пристапат до антикризните мерки на Владата.

Во периодот јули-октомври 2021, еден од најсериозните проблеми и пречки во остварувањето на правата на граѓаните беше одолговлекувањето на исплатата на субвенциите за обележани грла добиток и пчелни семејства, за кои иако законскиот рок за исплата е 30 јуни во наредната, за претходната година, истите до крајот на јули не беа исплатени. Со тоа, сите сточари и пчелари не само од регионите на општините Прилеп, Крвогаштани и Долнени туку и од цела Македонија беа доведени во ризик за својот опстанок и за опстанокот на добитокот и пчлните семејства. За овој проблем беше поднесена соодветна реакција до Владата на РСМ, надлежното министерство и други надлежни органи. Субвенциите беа исплатени кон крајот на месец август.

Генералниот заклучок е дека пандемијата само ги засили постоечките предизвици во пристапот до здравје и здравствена заштита како и пристапот до правда, особено за ранливите категории на граѓани. Дел од мерките кои се носеа не беа детално осмислени и беа донесени без консултација од граѓаните на кои се однесуваат. Оттука, генерална препорака е дека прво, јавното здравје е област во која мора постојано да се вложува и да се унапредува, и по завршување на кризата, бидејќи таа е од клучно значење за подобар квалитет на живот на сите граѓани. И второ, сите мерки кои се носат во дадена ситуациа, без разлика дали се економски, здравствени или други, не смеат да бидат само следење на бирократски процес, туку задолжително мора да се носат во консултација со граѓаните и фирмите за кои се наменети, доколку сакаме истите да имаат позитивен ефект. Џабе ни е мерката задолжителна самоизолација, кога 10члени семејства живеат во една соба – луѓето немаат каде да ја одржуваат таа самоизолација. Џабе имаме препораки за зачестена лична хигиена, кога имаме цели населби без пристап до вода. Сите мерки кои се носат мора во секој случај да го имаат во предвид специфичниот контекст и услови за живот на различни категории на граѓани.

И конечно, ние сите како општесто, мора да започнеме проблемите да ги решаваме системски, а не само да ги крпиме од денес за утре.

[1]Шапкоски В. (2021), Ефектитенаусвоенитемеркинанационалнонивовоусловинаковид-19 и нивнотовлијаниеврзсекторотздравствоналокалнониво, Студија на случај, Фондација Отворено општество Македонија (2021),достапно на:  https://dijalogkoneu.mk/wp-content/uploads/2021/11/%D0%A1%D1%82%D1%83%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D0%BB%D1%83%D1%87%D0%B0%D1%98-%E2%80%93-%D0%97%D0%B4%D1%80%D0%B0%D0%B2%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE.pdf[пристапено, декември 2021]

[2] Ibid.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи