Сајбер безбедноста во електронската трговија

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Дигитализацијата полега но сигурно постанува основен двигател на бизнисот и економијата, двигател на нашето живеење, функционирање и работење, полека но сигурно бизнисите се дигитализираат, процесите се дигитализираат, луѓето се дигитализираат, државите се дигитализираат и сè со цел да останат во чекор со технологијата и начинот на функционирање на отвореното општество и широко појасниот интернет кои со огромна брзина грабат кон една нова ера на функционирање на светот и сите процеси во него. Затоа велиме, Дигитализацијата со сигурност ќе ги раздвижи економиите, ќе ги автоматизира процесите и ќе ги издигне на едно високо ниво,  за кое е потребно сите чинители да се стремат да го постигнат, доколку сакаат да бидат и останат конкуренти и континуирани во бизнисот и работата, но сето ова ќе отвори многу точки на слабости кои можат да бидат искористени и злоупотребени од “лошите момци”, со цел да се дојде до некоја доверлива информација или податок на не-авторизиран начин.

Односот кој треба да го негуваме со развојот на дигитализацијата треба да биде максимално одговорен, претпазлив и исклучително внимателен во делот на развојот и нејзината безбедност, од причина што недоволно заштитените информации и податоци и недоволна писменост за безбедноста на истите би можело да наштети на процесот на развој, одржување и управување со  дигитализацијата. Таа сама по себе си носи низа предности и одговорности, а тоа значи дека сите ние како чинители на бизнисот и негови корисници добиваме еден брз пристап до податоци и информации, а за кои претходно било потребно многу повеќе време и ресурси за да се дојде до пристап до истите. Затоа ние како експерти од Сајбер Безбедноста велиме, ДА за Дигитализација но претпазливо и одговорно во креирањето на процесите и системите, од причина што полето или векторот за напад енормно многу се зголемува, заканите се во се поголем број и така наречените компјутерски вируси се сè попаметни, а креаторите на истите односно “лошите момци” не спијат и будно го следат секој наш чекор и секој чекор на дигитализацијата.

Дигитализацијата како неограничено поле за развој на процеси и услуги отвора многу широки погледи и развојни платформи преку кои бизнисите и корисниците ќе можат да се соединат без никаков физички контакт, a со тоа и креирањето на иновативни платформи и апликации го прават животот полесен и поедноставен во рамките на функционирањето на еден бизнис и допирот до нив од страна на корисниците. Бизнисите со нивното дигитализирање стануваат се подостапни и поприфатливи за моменталниот брз начин на живеење и функционирање, а воедно и доволно отворени за напади од страна на злонамерни корисници.

И секогаш дел од нас, а посебно креаторите на електронските платформи и апликации се прашуваат дали е по значајно техничкото функционирање на платформата или апликацијата или безбедното функционирање на истите. Многу од бизнисите кои се одлучуваат за нивно дигитализирање ретко обрнуваат внимание на нивната Сајбер Безбедност, многу често се водат од изреката “Кој тоа мене ќе ме нападне или јас сум небитен и многу мал за да бидам интересен”, но повеќе не станува збор за тоа дали ќе бидеме нападнати, туку КОГА ЌЕ БИДЕМЕ НАПАДНАТИ. Затоа, пристапот којшто е потребно да започнат да го следат бизнисите коишто се во подем и коишто инвестираат во дигитализацијата на своите процеси потребно е да биде одговорен и претпазлив, и затоа вложувањето во сајбер безбедност да не се гледа повеќе како трошок туку како инвестиција од која само може да се добие и во никој случај да се изгуби, од причина што тоа е процес кој може само да допринесе за раст и во никој случај да изгуби. Но, за таа цел треба да се работи на подигнување на свеста на основачите и креаторите на бизнисите затоа што не се само тие кои се афектирани, туку и самите корисници кои ги оставаат своите лични податоци на тие платформи и услуги, а за кои се сигурни дека нема да дојдат во допир од неовластени лица и истите да бидат злоупотребени за стекнување на некоја корист, како на пример добивање на лични информации или информации за платежни картички кои најчесто се употребуваат за електронско плаќање преку апликации за електронска трговија.

Радува фактот дека развојот на електронски услуги во нашата држава расте со голема брзина и подршката која ја добиваат овие бизниси е од круцијално значење. Слободно можеме да кажеме дека полека но сигурно го следиме чекорот со поразвиените земји, но, за жал инвестирањето во сајбер безбедноста на овие услуги слободно може да се каже дека е недоволен и можните проблеми и пробиви на платформите и те како се можни и истите можат да бидат фатални за еден бизнис. Од особено значење е фактот дека растот на електронската трговија со креирањето на различни платформи и електронски продавници ќе ја придвижи економијата, а фактот дека многу мал дел се инвестира во сајбер безбедноста не загрижува од причина што сите ние како нивни корисници ги оставаме нашите податоци во нивно поседување и процесирање без да знаеме каква е нивната грижа за нив и дали ги запазуваат сите безбедносни препораки и проверки.

Од таа причина, ние како експерти за сајбер безбедност во целост се вложуваме да допреме до иницијаторите и креаторите на дигитализацијата и дигитализирањето на услугите и бизнисите, со цел да ја подигнеме свеста за сајбер безбедност и безбедно управување со податоците на корисниците. Затоа, во целост тврдиме дека инвестирањето во сајбер безбедност може само да ви допринесе во растот и развојот на вашите услуги.

За таа цел, препорачуваме на сите креатори на било какви дигитализирани услуги и бизниси секогаш да се консултираат и да побараат помош од експерти од областа на сајбер безбедноста, да прават редовни проверки, да ги тестираат своите апликации, платформи и услуги, со цел да бидат на безбедната страна од бизнисот, од причина што еден мал пропуст во безбедноста може да предизвика голема штета за еден бизнис.

Многу често се случува да добиеме прашање од типот за какви тестирања или проверки се работи, како и колку можам да бидам сигурен после едно такво тестирање или проверка за безбедност на мојата платформа или апликација. Ние би сакале да појасниме дека 100% безбедност не постои од причина што човекот е најслаба алка во синџирот на еден еко систем или развојот на технологијата и нејзиното следење е од круцијална важност за зголемување и подобрување на безбедноста на еден систем. Ние како експерти секогаш укажуваме дека Сајбер Безбедноста не е продукт кој се изработува и тука работата завршува, туку тоа е процес на континуирано одржување и подобрување кој има за цел да го води бизнисот напред во една безбедна околина за користење на самите ние како креатори и на останатите како корисници. За таа цел се донесе и Европската регулатива за заштита на лични податоци во која експлицитно е дефинирано безбедно користење на лични податоци и начин на континуирано подобрување на безбедноста на системите кои се процесори и обработувачи на лични податоци. Безбедна платформа или услуга го прави корисникот да се чувствува безбеден и конфорен, а со тоа ќе ви ја даде и неговата целосна доверба.

Во овој дел малку би се осврнал на тоа како може да влијае Сајбер Безбедноста во развојот на електронската трговија и електронските продавници, како и на електронските платформи кои во голем број се размножуваат и го покренуваат растот на електронски услуги во целата држава и пошироко. Денес, сите знаеме дека електронска продавница буквално може да се креира и отвори за многу пократко време од порано. Постојат најразлични решенија и платформи на пазарот каде за многу кратко време и со неколку клика вие можете да креирате продавница каде ќе ги поставите вашите продукти или услуги. Но, овој бум во електронската трговија и брзото и невнимателно креирање на електронски продавници на интернет претставува едно отворено поле за хакерите, спамерите и лошите момци кои целовремено се обидуваат да дојдат до некој профит од измамени потрошувачи и несовесни бизнисмени. Ова е причината зошто секогаш треба да се разберат и запомнат што значат и што носат безбедносните ризици во електронската трговија.

Затоа велиме, Сајбер безбедноста во електронската трговија е многу значајна и круцијална, затоа што не е многу важно каква ќе биде вашата маркетинг стратегија, или каков е вашиот дизајн, или каков е вашиот сајт, затоа што колку и да е се добро и перфектно направено и реализирано, со само еден напад и искористување на една слабост вашиот бизнис не работи и без разлика на добрата стратегија, дизајн, функционирање и слично. Проблемите во сајбер безбедноста кај електронската трговија е предизвик број 1, тоа можеме да го видиме насекаде околу нас, гледаме и слушаме секојдневно колку пробиви односно хакирања имаме по светот, колку електронски продавници или платформи се хакирани, колку податоци се украдени, и се тоа заради фактот дека бизнисмените односно креаторите на овие бизниси не придаваат доволно значење на сајбер безбедноста и инвестицијата во овој дел ја гледаат како непотребен трошок кој нема да донесе нови корисници и потрошувачи. Како еден податок во 2019 година, хакери инфектирале 277 веб апликации за електронска трговија и штетата што ја нанеле се претпоставува дека е околу стотици илјади долари.

Затоа, безбедносните закани коишто ги имаат продавниците за електронска трговија можат да бидат од голем број, од кои би одвоиле неколку клучни за кои секој сопственик на таков тип на бизнис потребно е да ги анализира и да воведе мерки со кои би се намалил ризикот за искористување од страна на злонамерни корисници, а тоа се

  • Недоволна превенција на абнормални активности на еден корисник
  • Неадекватна авторизација и автентификација
  • Несоодветно управување со платформата или апликацијата
  • Манипулација со цени на производи
  • Спамирање
  • Малициозни кодови

И доколку се искористат некои од овие закани управувачот односно администраторот можно е да забележи абнормални и сомнителни активности на својата апликација, а во повеќе од случаите тоа би значело дека вие веќе сте хакирани односно вашата апликација најверојатно не е во ваша  сопственост повеќе или вашата апликација успешно е изманипулирана или компромитирана.

Многу често поставувано е прашањето: Што доколку приметиме некои сомнителни активности?

Дали знаеме каде да се обратиме, дали знаеме по чија вина е дојдено до оваа ситуација, дали знаеме што е искористено за да се случи ова? Без детална проверка и без консултација со специјализирани лица за оваа проблематика никогаш нема да знаеме на кој пат сме и дали се движиме во посакуваниот правец, односно дали безбедноста ќе ни биде на прво, второ или последно место.

И, за крај сепак сакам едно да напоменам, немојте да чекате да се случи нешто што многу тешко можете да го вратите назад, бидете свесни, претпазливи, обратете повеќе внимание на сајбер безбедноста, пред се за вас, за вашиот бизнис и најмногу од се за вашите потрошувачи и корисници да бидат и да се чувствуваат безбедно и сигурно во комуникацијата со вас и вашиот бизнис. Вие сте двигател на бизнисот, но вие можете да бидете и уништувач на бизнисот.

ЗАТОА, САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТА ПОВЕЌЕ НЕ Е ТРОШОК, ТОА Е ИНВЕСТИЦИЈА И ПОТРЕБА БЕЗ КОЕ НЕМОЖЕМЕ И БЕЗ КОЕ НЕМА ДА МОЖЕМЕ ДА СЕ ДВИЖИМЕ НАПРЕД.

Автор: Филип Симеонов 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи