Што би сакале младите да видат во 2022 година?


Како што ја одминуваме втората година од пандемијата, сите посакуваат 2022 година да биде година на успеси, напредок и здравје. Апсолутно, тоа значи и надеж за подобар квалитет на живот и подобра благосостојба на младите луѓе. 2022 година веќе е прогласена за Европска година на младите од страна на Европската Комисија, со што голем фокус ќе се стави на потребите и предизвиците на младите луѓе, најавувајќи голем број на активности во земјите членки но и во нашата земја како земја кандидат за членство во унијата.

Но што да очекуваме како промена во 2022 година? Од каде продолжуваме (или пак одново да тргнеме) кон суштински и позитивни промени? 2021 година беше тешка за младите луѓе како една од најпогодените групи од пандемијата поради тоа што уште повеќе беа влошени и онака ограничените можности за напредок и развој. Ова важи посебно за младите кои се во образование бидејќи пандемијата негативно се одрази на значителен број студенти, а посебно влијание имаше врз менталното здравје на средношколците.

Моменталните состојби не се ветувачки, имајќи предвид дека трендовите и перцепциите на младите не се променуваат лесно, односно остануваат константни како и во изминатиот период. Ова го покажува и Почетната Студија за младински трендови која беше изработена во рамките на проектот „Младинско учество кон силен и одржив развој на заедницата“, поддржан од Европската унија. Младите сеуште како најголем проблем ја гледаат невработеноста т.е. можностите за достоинствено вработување, пред материјалната и економска зависност но и зависноста од дрога, алкохол, деликвенција и слично.

Она што загрижува е дека 70% од младите луѓе не се заинтересирани за политика. За најголем процент од младите (35 %), причината зошто не сакаат да учествуваат на избори се однесува на недостатокот на доверба дека нивниот глас ќе доведе до позитивни промени. За сметка на тоа, младите сметаат од друга страна пак дека тие најмногу можат да придонесат најмногу преку граѓанските организации што пак покажува дека граѓанските организации имаат подобрен имиџ во јавноста, посебно кај младите.

Младите луѓе се многу незадоволни од квалитетот на мерките и политиките кои се наменети за младите луѓе но и од моменталните можности за учество во одлучувањето – само 20,3 % од младите во последните 12 месеци учествувале во некој процес на донесување одлуки во училиште, факултет, општина или во владина институција. Малку поголем процент од 30,6% млади изразиле став на социјалните медиуми во последните 12 месеци, поврзан со квалитетот на образованието, животната средина, менталното здравје, репродуктивното здравје, КОВИД и вакцинација.

Законот за младинско учество и младински политики треба(ше) да го подобри нивото на вклученост на младите луѓе во процесите на одлучување. Меѓутоа, иако се навршија речиси 2 години од неговото донесување, сеуште не можеме да видиме придобивки посебно на локално ниво. Ова се потврдува со алармантниот податок дека само 22,9 % од младите слушнале за локални младински совети како модел предвиден со законот, но само 20 % од овие млади луѓе сметаат дека овие совети можат ефективно да ги застапуваат интересите на младите. Ова е најмногу поради тоа што се уште постои сомнеж кај повозрасните лица дека младите не можат и не знаат да носат одлуки. Меѓутоа, младите и тоа како имаат и знаење и вештини како да носат одлуки но и да придонесат кон донесувањето на одлуки.

Што сонувам да кажам кон крајот на 2022 година, или за една година од сега? Би сакал да кажам дека Владата, заедно со младите, креираше мерки со кои придонесе младите да имаат подобар квалитет на образованието. Би сакал да кажам дека државата обезбеди голем буџет за млади со што младите силно веруваат дека сепак државата сака вложи во младите и во нивната иднина. Би сакал да кажам дека сите општини формираа локални младински совети кои се порепознати кај младите и успешно ги застапуваат потребите на младите пред Градоначалникот и Советот на општината. Би сакал да кажам дека голем број на општини презедоа конкретни и суштински (а не декларативни) мерки за подобрување на одредени состојби врз основа на мислењата кои ги споделиле младите. За крај би сакал да кажам дека младите полека ја враќаат довербата во системот и дека се зголемила нивната желба да останат во оваа држава и својата иднина да ја градат тука. Можеби очекувањата се превисоки, но време е институциите да почнат да прават похрабри и поголеми чекори во корист на младите луѓе. Нека новата година биде навистина година на младите, живеејќи во здрава средина каде пандемијата веќе не постои.

Автор: Томислав Гајтаноски, раководител за развој на ресурси, Коалиција на младински организации СЕГА

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи