“Наша тезга“ на Рурална Коалиција со својот прв придонес и вложување во социјалната инклузија во локалната заедница

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Вложувањето во заедницата, како и работењето со маргинализираните групи, како и групи во социјален ризик, но и взаемното помагање се клучни кога станува збор за развојот на социјалното претприемништво и делувањето во заедницата. “Наша тезга“ на Рурална Коалиција веќе ги остварува првите економски активности, но во исто време и првите вложувања во заедницата.

Имено, денес Рурална Коалиција во соработка со локалното здружение на жени фармери “Моја Фарма“ беа во посета на Дневниот центар за лица со телесна или ментална попреченост во Гостивар, каде што беа доделени и првите пакетчиња со училишен и едукативен материјал за лицата од овој центар, а согласно нивните потреби. Средствата се обезбедени од продажбата на дел од земјоделските производи кои што може да се најдат на првиот рурален е-пазар “Наша тезга“ – https://www.nasatezga.mk/ чие што лансирање се случи на почетокот на овој месец, а на чие што градење се работеше повеќе од една година преку вклучување на сите засегнати чинители, како бизнис заедницата, донаторската заедница, институциите, општините, индивидуалните граѓани, како и самите жени од руралните средини, а се до цел да се изнајде еден нов иновативен начин за продажба на земјоделски производи и преработки кој што директно ќе придонесе кон економско јакнење, но и социјална инклузија на жените во заедницата.

Социјалната пак инклузија е потреба за сите нас, па и за децата и за лицата со попречености. Токму затоа секое внимание, посета, акција е важна и незаменлива за интеграција на овие деца и лица.

“Посетата на дневниот центар е првиот чекор кон заедничка соработка помеѓу чинителите во локалната заедница, а ние како Рурална Коалиција и Наша тезга би сакале уште на самиот почеток да се движиме токму кон реализацијата на нови соработки, соработки кои што ќе значат придонес во локалната заедница, но и соработки кои што ќе ни ги отворат вратите за многу идни заеднички активности, а во насока на исполнување на мисијата “Никој да не биде изоставен“, рече извршната директорка на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски на денешната средба.

“Ваквите мали акции, за нас, како и за штитениците на центарот, значат многу и особено е значајно што преку ваквите акции се потикнуваат и другите чинители во локалната заедница како бизнис секторот, локалните институции, па и граѓаните да се сетат на нас, но и самите да преземат некоја акција која што ќе ги вклучи и лицата со попречености. Активностите во кои што се вклучуваме преку проекти и активности на граѓанските организации многу позитивно влијаат на целокупното работење на центарот и овозможуваат да се направи многу повеќе од она што е зацртано“, спомена психологот и раководителката на Центарот, г-а Арта Арифи-Кречи.

Руралната средина значи лек, но и влијае многу позитивно на психо-моторниот развој кај децата и лицата со попречености, додаде Јасминка Наумоска, и самата родител на дете со попреченост која што ја избира токму руралната средина како место за живеење и одгледување на своите деца, а воедно и членка на платформата “Наша тезга“.

Развојот на социјалното претприемништво преку развојот на првиот женски рурален е-пазар “Наша тезга“, но и инклузијата на жените како економска, така и социјална во локалната заедница, а при тоа препознавајќи ја нивната улога како носителки на позитивните општествени промени е главната насока по која што ќе се движи Рурална Коалиција, а со самата посета и купување на дел од производите на “Наша тезга“ секој е добредојден да ни се приклучи во остварување на нашата мисија, која што е насочена токму кон создавање на квалитетен живот во руралните средини и локалната заедница.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи