Рурална Коалиција со новогодишни и божиќни пакетчиња преку првиот женски рурален е-пазар “Наша тезга“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Жените имаат КЛУЧНА улога во производството на храна, а оваа година Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври се одбележа со пораката “Жените од руралните средини произведуваат здрава и безбедна храна за СИТЕ нас! Но, дури 84% од жените во руралните средини за време на Ковид пандемијата имаат намалување на нивните економски приходи од земјоделските активности кои што ги вршат, а нивните производи и понатаму остануваат непродадени.

Дури 56% од жените во руралните средини немаат информација за можностите за финансиска поддршка кои што им се нудат, а работат и по 11 часа на ден, работа која што НИКАДЕ не е евидентирана и платена!

Токму затоа Рурална Коалциија успеа да го создаде и првиот женски рурален е-пазар “Наша тезга“, кој што не само што ги нуди локалните земјоделски производи и преработки на жените од руралните средини, туку дава приказ и на животните приказни на нашите жени од руралните средини, традицијата на нашето домашно производство, палетата од локални здрави земјоделски производи и преработки, а се со цел да може да го долови и социјалниот момент, но и комуникација со жените.

Поради својата инклузивност истиот се смета и за еден од успешните примери и во регионот на Западен Балкан и беше промовиран на регионалната конференција „Креирање политики на локално и на национално ниво врз основа на податоци од социјалното мапирање според принципот LNOB („Никој да не биде изоставен“)’’, организирана од страна на Германското Друштво за Меѓународна Соработка (ГИЗ) и во рамките на Регионалниот проект за регионално учење за спроведување на Агендата 2030 во Југоисточна Европа (особено во С. Македонија и Косово) и Регионалниот проект за социјални права за ранливи групи (СоРи II). .

За промотивниот настан кој што го организиравме на 03-ти декември 2021 година беа изработени и првите 50 промотивни пакети со здрава локално произведена храна, а кои што го означуваат и почетокот на промотивната кампања за 2022 година истакнувајќи го значењето кое што жените го имаат како  производителки на храна, но и носителки на позитивните општествени промени и тоа токму во насока на создавањето на одржливи рурални заедници, што впрочем е и дел од мисијата на Рурална Коалиција.

Во моментов активна е промотивната кампања со новогодишните и божиќни пакети кои што ќе ја направат трпезата богата со нови, иновативни, интересни, но пред се здрави производи како чипс од лешници, чипс од јапонски јаболка, сушени јаболка со цимет, природен чај од нашите планини, новогодишни украси изработени од вредните раце на жените од руралните средини, а спакувани со љубовта и креацијата која што ја имаат младите токму од овие средини. Дополнително во пакетчињата ќе може да ги најдете и честитките на списанието Лице в лице со што пак директно придонесуваме и кон поддршката на маргинализираните групи и лица во социјален ризик, а во насока на социјалната инклузија и соработка со сите локални чинители во изминатиот период беа поделени новогодишни пакетчиња на лицата со попречености од Дневниот центар за лица со телесна и ментална попреченост во Гостивар, како и во подрачното училиште Гоце Делчев во селото Тумчевиште со кои што беше потпишан и меморандум за соработка, а во насока на заедничко вложување во промоцијата и придонесот кон руралниот развој.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи