Од утре недела е неработен ден, трудовиот инспекторат ги повика работниците да ги пријават сите прекршувања

Facebook
Twitter
Email
Print


Утре стапуваат на сила измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои недела станува неработен ден и Државниот инспекторат за труд (ДИТ) ги повика сите работници да пријават прекршувања на нивните права во врска со работењето во недела.

Со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања, Државниот инспекторат за труд воспоставува дежурства во недела по региони.

Пријавувањето може да се направи преку интернет страницата www.dit.gov.mk, со поднесување пријава во архивите на подрачните одделенија и централата на ДИТ, на телефонскиот број 15131 или кај дежурните инспектори по региони, за кои можат да се добијат повеќе информации на https://dit.gov.mk/?p=9833.

Собранието на 20 декември го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со што недела беше прогласена за неработен ден, што беше едно од главните барања на Сојузот на синдикати на Македонија. Со новото законско решение, недела ќе биде неработен ден за 92% од работниците. Оние што се ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден што ќе можат да го искористат во наредните седум дена.

Измените и дополнувањата на Законот за работните односи (Сл. Весник на РСМ бр.288/2021) можете да го најдете на следниот линк: https://dit.gov.mk/?page_id=624.

Правилниците кои произлегуваат од измените и дополнувањата на законот, можете да ги најдете на следниот линк: https://dit.gov.mk/?page_id=622.

Државниот инспекторат за труд соопшти дека пред да почнат со работа во недела, работодавачите се должни да го известат инспекторатот преку посебен образец за вршење работа во недела.

Известувањето за вршење работа во недела, работодавачите можат да го достават електронски на следната меил адреса: rabotavonedela@dit.gov.mk или во архивите на подрачните одделенија на ДИТ како и во централната архива во седиштето на ДИТ на бул. Партизански одреди бр.48А, Скопје.

Дополнителни информации за подрачните одделенија, регионите и контакт информации и телефонските броеви на инспекторите по подрачни одделенија можете да добиете на следниот линк: https://dit.gov.mk/?page_id=192.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи