ВИДЕО – Хуманитарна акција за Божик по 13-ти пат во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


По 13-ти пат неформалната хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски, која функционира во состав на црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп ја организираше хуманитарната акција за големиот христијански празник Божик. Од 13 декември до крајот на месецот во сите православни храмови беа поставени кутии во кои се собираа средства од хумани граѓани, а потоа со собраните пари средства се купија прехранбени производи и хемиски средства кои им се дадоа на социјално загрозени семејства. Граѓаните исто така можеа освен пари да донираат и намирници. Денеска овие семејства доаѓаа во црквата каде што си ги подигнуваа пакетите, а до домот им беше организиран бесплатен такси превоз.

„Ги опфаќаме селските парохиии околу 40-тина семејства, а другите се делат тука во градот, тој е принципот на работа. Списокот на оние на кои им се дава оваа помош се прави заедно со свештениците, ги бараме оние граѓани кои имаат приоритет, семејства со повеќе членови, хендикепирани, оние кои не можат да дојдат до некоја егзистенција, тие имаат предност“, вели Драган Џокоски, хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски.

Еден хуманитарен пакет содржи производи од околу 2.000 денари. Од хуманитарната организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски истакнаа дека за жал секоја година бројот на социјално загрозени семејства кои бараат помош е се поголем и поголем.

„Имаме нон стоп луѓе кои бараат, не можеме за жал да им излеземе на сите, се трудиме онаму каде што можеме да го направиме тоа, онолку колку што можеме, според нашите сили и средства, бидејќи како хуманитарна организација немаме фиксни средства со кои располагаме“, додаде Џокоски.

Вакви акции се организираат во Прилеп за Божик и Велигден, но неформалната хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски функцонира и преку целата година.

„Во текот на годината имаме кутија која што собира парични средства тука во црквата кај нас и обично тие парични средства кои ги имаме во текот на годината ги користиме за донација на болни дечиња, дечиња кои треба да се оперираат, семејства на кои им треба некоја помош или пак правиме некои пакети со храна, значи имаме преку целата година такви случаи“, истакна Џокоски.

Оној кој што сака да донира средства за вакви социјално загрозени семејства тоа може да го направи со донација во оваа кутија која е поставена во црквата свето Благовештение преку целата година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи