Македонија и официјално дел од тројката претседавачи со ОБСЕ во 2023

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија стана дел од триото претседавачи на ОБСЕ, заедно со сега веќе минатогодишниот претседавач Шведска, како и актуелниот претседавач за оваа година Полска, објави на денешната прес конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Со тоа и формално започнуваат и нашите обврски поврзани со претседавањето во 2023 година со најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ во која членуваат 57 земји, плус 11 медитерански и азиски земји партнери на Организацијата.

„Ми преставува посебно задоволство што како прва активност во оваа година сакам да ги преставам луѓето од Министерството кои се најзаслужни и за стекната доверба да ја добиеме честа да претседаваме со ОБСЕ. Тоа се истите луѓе кои ќе го поднесат најголемиот товар на овој  предизвик: тоа се дипломатите – дел од нив овде присутни зад мене, а дел во мисиите низ нашите дипломатски претставништва, луѓето кои се дел од работната група – или таканаречениот „Таск Форс“ кои ќе бидат задолжени за нашето успешно претседавање со организацијата”, истакна министерот Османи.

Со денешниот ден, како прв работен ден во годината, нагласи Османи, го преземаме претседавањето со Групата на медитерански партнери – Алжир, Египет, Израел, Јордан, Мароко и Тунис и притоа како копретседавачи во првата година од нашето учество во тројката ќе ја организираме и Медитеранската конференција меѓу ОБСЕ и земјите медитерански партнери најверојатно во Скопје, а потоа го преземаме и управувањето со донесувањето на буџетот на Организацијата.

Османи информираше дека за оваа намена е веќе предвиден и буџет за реализација на активностите кои произлегуваат од претседавањето со ОБСЕ од околу 110 милиони денари, или безмалку 1,8 милиони евра. Соодветно Министерот информираше дека се предвидува уште оваа година да се упатат околу 15 дипломати во мисијата во Виена, кои ќе работат во рамките на претседавачкото трио и водењето на Групата на медитерански партнери, но и ќе се подготват за финалното преземање на претседателството со ОБСЕ во 2023 година.

Османи меѓу другото нагласи дека преземањето на претседавањето со себе носи одговорност, како и низа предизвици од логистички, економски и надворешно политички карактер.

„Претседавањето со ОБСЕ за нас ќе претставува и внатрешен трансформативен процес од консумент стануваме креатор и контрибутор на политиките на светско ниво. Ваквата инверзија на улогите претставува нова можност за нашето внатрешно институционално и политичко созревање, но во исто време рака под рака со глобалната експонираност тоа претставува и можност за зајакнување на имиџот на државата преку афирмација на нашите вредности и визии“, рече министерот за надворешни работи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи