79-години од загинувањето на Народните херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур – одбележување во Прилеп


04 Јануари 1943 година, е денот кога бил убиен народниот херој Мирче Ацев. Во спомен и во чест на патронот на Прилепската Гимназија и касарната во Прилеп, денес беа положени цвеќиња во Алеата на Могилата на непобедените, на бистите на народните херои, во дворот во Гимназијата „Мирче Ацев“ и во касарната „Мирче Ацев“.

На свеченостите беше присутен градоначалникот Борче Јовчески како и претседателот на Советот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, делегации од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, касарната „Мирче Ацев“ и Сојузот на борци од Прилеп.

 

Градоначалникот Јовчески ја искористи посетата на Гимназијата и направи увид на лице место во градежните активности за реконструкцијата на гимназијата.

 

Инаку на денешен ден загинува уште еден народен херој Страшо Пинџур. Имено 19 декември 1942 г. Мирче Ацев и Страшо Пинџур. биле провалени во куќата на Јован Митрев во Велес и биле спроведени во Обласната полициска управа во Скопје.

Потоа, двајцата биле подложени на невидени инквизициони мерки со цел да ги извлечат бараните информации од нив од страна на бугарскиот окупатор. Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“.

На 4 јануари 1943 г., во просториите на Скопскиот областен затвор, како последица на силните измачувања, умрел Страшо Пинџур. Истата вечер, неговото тело било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 г., каде тој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.

За мачењето и убиството на Мирче Ацев директни сведоштва за, дава началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.

„Тој одби да даде какви и да било податоци за својата дејност, па поради тоа го тепавме за да изнудиме од него признание. На неколку наврати беше жестоко тепан по табаните. Нозете му беа ужасно отечени… Се чудев како може да поднесува толкаво тепање без збор да каже. Тој беше затвореник кој беше најмногу мачен, а се покажа најцврст. Едвај одеше и ми рече дека повеќе ништо не чувствува во нозете, бидејќи му беа претепани. За сето време додека беше тепан не викаше, не испушташе ниту еден збор. Околу 6 часот приквечер јас, Христо Стоилов и Васил Цанков седевме во кабинетот на Цанков. Токму во тоа време дојде агентот Крум Панков и му се обрати на Цанков со следниве зборови: „Господине началник, Мирче Ацев е во многу тешка положба, умира.” Тогаш Цанков рече: “Добро, појди таму”. Бидејќи Крум Панков излезе, Цанков ми рече: “Кажи му на Симеонов (директор на Обласната полиција) дека сам се убил. Тоа и го сторивме.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи