ВИДЕО – „Преродба“ ја подготви Бадниковата трпеза, коледарчињата во Прилеп го најавија Христовото раѓање


Со македонската коледарска песна „Коледица Варварица“ коледарчињата денеска во Прилеп го најавија Христовото раѓање и беа дарувани од домаќините на куќите кои ги посетија, а прилепските домаќинки пак од здружението „Преродба“ по 15-ти пат ја подготвија традиционалната посна Бадникова трпеза составена од мали посни сарми, гравче, мазник со ориз, мекици, костени, ореви, разни овошја и други посни специјалитети.

Утрото започнува со коледарчињата кои коледаат по нашите домови, ние излегуваме и во корпите им ставаме костенчиња, оревчиња, крувчиња, јаболчиња и му се дава на коледарчиња по некој денар, најчесто железни паричиња заедно со костените“, вели Лилјана Ацеска, членка на здружението „Преродба“.

И двата празници, Бадник како предвесникот на Божик, се празнуваат како семејни празници и затоа се вели „Кај и да си пред Божик по Божик дома да си“. На овој ден во некои региони во Македониија се врти паричка, а во други пат паричката се става во мазникот или зелникот за Василица.

Лепчето го правам со паричка и вечерта кога ќе седнеме да вечераме, сопругот ги врти 3 пати. Потоа го крши, па го дели, прво за Господ, за куќата и на сите членови на семејството, според годините ни дава по едно парче. Како девојче кај мајка ми за Василица ја вртевме паричката, откако се омажив свекрва ми вртеше за Бадник и сега јас ги практикувам и двата обичаи“, истакна Ацеска.

Членките од „Преродба“ се радосни што овие македонски традиции ќе ги продолжат младите кои биле заинтересирани за нашата, традиција, култура и историја.

Бадниковото празнување за нас е со посебно значење бидејќи е ден на предвестието за раѓањето на Исус Христос. Здружението „Преродба“ за сите овие години на своето постоење ја негува традицијата, ќе продолжиме и понатаму, среќни сме што после нас ќе има кој да ја продолжи традицијата“, додаде Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на здружение „Преродба“.

Инаку денеска во состав на манифестацијата „Црвен тепих на хуманоста“ членовите на детскиот хор при црквата Свети Кирил и Методиј од Прилеп на плоштадот „Александриија“ е предвидено да имаат мала пригодна програма на која пред присутните ќе испеат неколу Божикни песни. За жал и оваа година поради пандемијата нема да ја има традиционалната Бадникова поворка, која тргнуваше од црквата Свети Кирил и Методиј, а потоа децата со импровизираната пештерка, во која се родил Исус Христос, шетаа низ целиот град.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи