Во голем дел од годината воздухот ширум нашата земја е со исклучително лош квалитет. Тоа особено доаѓа до израз во најстудените зимски месеци. Во претходните статии повеќе пати сме зборувале за негативните импликации од загадениот воздух. Денеска ќе зборуваме за една нова студија на оваа тема.
Станува збор за истражување објавено во познатото научно списание Neurology. Во неа научниците укажуваат дека луѓето што прават позахтевни или поинтензивни вежби, како трчање и практикување компетитивни спортови, на пример, во предели со загаден воздух, имаат помалку корисни ефекти од тие вежби кога станува збор за одредени маркери за заболувања на мозокот.
Дали можеби треба да се воздржиме од поинтензивни активности кога воздухот е во ,,црвената зона”?
Авторката на студијата, Д-р Мелиса Фурлонг од Универзитетот од Аризона, вели дека ваквите поинтензивни вежби ја зголемуваат изложеноста на загадениот воздух, што има штетни ефекти врз здравјето на нашиот мозок.
Точно е дека физичката активност се поврзува со значително подобро здравје на мозокот, но тоа со сигурност важи за вежбањето во пределите со чист воздух. Споменатото истражување утврдува дека позитивните ефекти од поинтензивната активност исчезнуваат кога се практикуваат во предели со многу загаден воздух.
Нешто повеќе околу студијата
Истражувањето анализирало податоци за 8600 лица на возраст од 56 години. Податоците биле превземани од UK Biobank, огромна биомедицинска датабаза. Изложеноста на луѓето на загдениот воздух, вкучително на азотен диоксид и аеросоли или суспендирани честици во воздухот, била проценувана со посебни модерни алгоритми што се користат за анализирање на загаденост, посебно во густо-населени простори.
Испитаниците потоа биле категоризирани во 4 еднакви групи, од најмалку, до група најизложена на загаден воздух.
Нивото на физичката активност била проценувана за секој поединечно, преку специјални акселерометри. Потоа испитаниците биле категоризирани и врз основа на нивото на интензивна физичка активност – од 0 до 30 минути на неделно ниво.
Повеќе за добиените резултати
Луѓето што практикувале поинтензивна активност, во просек имале за 10cm3 поголем волумен на сивата мозочна маса, во споредба со оние што не вежбале редовно позахтевни активности.
Истражувачите покажале дека загадениот воздух не го менува позитивниот ефект на интензивната активност во однос на сивата мозочна маса. Но, од друга страна анализите покажуваат дека изложеноста на загаден воздух го менува ефектот што го имаат интензивните активности врз белата мозочна маса.
Имено, оние што живееле во предели со чист воздух, имале позитивен ефект на белата мозочна маса, што не било случај за испитаниците што биле почесто изложени на загаден воздух.
Истражувачите на крајот заклучуваат дека на оваа тематика се потребни повеќе истражувања. Ако во овие истражувања повторно и повторно се потврдуваат нивните резултати, неизбежно потребни се мерки и политики што ќе ги информираат и заштитат активните луѓе во загадените предели.
Овие податоци не значат дека кога ќе дојде зима треба да се затвориме во нашиот дом!
Секако, ова не значи дека оние што живеат во вакви предели (како што е Скопје или Тетово на пример) треба да се откажат од било каква активност. Анализите од САД сугерираат дека ефектите на загадувањето, погрубо кажано се еквивалентни на ефектот на стареењето од половина година. Од друга страна, ефектот на поинтензивните вежби се проценува дека е еднаков на три години ,,помлад” мозок.
Важно е да се напомене и дека голем дел од деновите и во поладните периоди од годината се помалку загадени, па добро е токму тогаш да се излезе и да се практикува (поинтензивна) активност. Физичката активност ни е премногу важна за да ја прекинеме на повеќе месеци или недели поради загадениот воздух или поради било што друго.
Ако пак повеќе денови по ред загадувањето е превисоко, може да практикувате пешачење со соодветна маска.
Околу загадувањето на дневна основа (дури и во часови), можете да се информирате од мобилната апликација МојВоздух што можете да ја најдете на Google Play Store. На тој начин ќе знаете кога е добро, а кога не да се вежба на отворено. При загаден воздух, секогаш можеме да практикуваме вежби и во својот дом.
Извор: Доктор Митов