Димитров: Моите позиции за Софија се причина што не сум дел од новата Влада, во Османи немам целосна доверба за решавање на прашањето


За моите позиции немаше простор во новата влада. Не е точно дека сам се повлеков, бидејќи не сум човек што се повлекува од битки. Имав сериозна битка внатре последната година и во однос на дефинирање на позициите, но и во текот на самите преговори и таа битка не беше тајна, рече досегашниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров на денешната прес-конференција.

„Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи. Знаете дека кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат од, како што ме нарекоа, ‘вирус поопасен од ковид‘. Ова прашање е моја лична животна мисија, апсолутна почит за македонскиот јазик, како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериуми“, додаде Димитров.

Според Димитров токму затоа сакале да се ослободат од него, за да не биде во Македонија и затоа му нуделе разни позиции како амбасадор.

„Затоа, не ме изненади посебно понудата што ја добив, да бидам амбасадор во Вашингтон. Тоа не само што ќе ме тргнеше од дома, туку и ќе ми го врзеше зборот. Знаете дека дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома. Кога го одбив Вашингтон добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја, па и да избирам. Сфатив дека нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа да ослабат и гласовите кои се на линија во преговорите за која што јас се борам е голем“, рече Димитров.

Според него, поддршката што Македонија ја има од сите земји членки на ЕУ, освен една, во однос на преговорите со Софија, според него говори за цврстите заложби и резултати кои ги правел како политичар во изминатите години.

„Моите позиции во Владата во однос на колегите беа различни на многу теми, од приодот и мерките против пандемијата, преку ставовите за легализација на дивоградбите, медиумуските политики…“, вели Димитров.

Димитров отворено кажа дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи во однос на прашањето за Бугарија.

„Имам чувство дека има „драјв“ за успех по секоја цена што не е продуктивен туку и опасен. Можеби и грешам“, вели Димитров, додавајќи дека за разлика од Османи, сепак останува на ставот дека какво и да е решение на спорот со Бугарија треба да помине во Собранието.

Тој, исто така, демантираше дека подготвува формирање на нова политичка партија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи