Активни се 15.228 ковид – случаи во државава од кои најголем број 8333 се во Скопје. Според извештаите од болниците, моментно со КОВИД-19 се хоспитализирани 340 лица, a од нив 81 отсто не се вакцинирани, додека 19 проценти се вакцинирани. Во исто време, 78 отсто од починатите лица од КОВИД-19 биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина, покажува анализата објавена од Министерството за здравство за вакцинирани од позитивните случаи со КОВИД-19 во период од 6 август 2021 година до 13 јануари 2022 година.
Изминативе неколку недели, како што се истакнува, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден во една установа.
Во период од 06.08.2021 до 13.01.2022 година на територија на државата како позитивни на КОВИД-19 се тестирани 85.593 граѓанин, од кои 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно 32.079 лица. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на КОВИД-19 не биле вакцинирани. Анализата на Министерството покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.
Во период од 6.08.2021 до 13.01.2022 година 78 отсто од починатите лица со КОВИД-19, биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, посочуваат од Министерство и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SARSKоV2.
Досега во земјата се направени вкупно 1.692.991 тестирања на КОВИД-19. Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 241.651, бројот на оздравени пациенти е 218.340, на починати е 8.083.