27 јануари 1945 година е датумот кога советските трупи го завземаат и ослободуваат нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, а со тоа ги спасуваат и неколкуте илјади преживеани затвореници. По тој повод, во ноември 2005 година овој датум беше прогласен како Меѓународен ден на комеморација во спомен на жртвите на Холокаустот од страна на Генералното собрание на Обединетите нации.
Кога Црвената армија на Советскиот Сојуз пристигна во Аушвиц, тие наидоа на неколку илјади останати затвореници во кампот, кој беше делумно разурнат од Германците кои се повлекуваа. Преживеаните и материјалните докази укажуваа на масовните убиства кои се одвивале во Аушвиц.
Околу 90 отсто од жртвите во најголемиот концентрациски логор на Третиот Рајх беа Евреи. Холокаустот беше систематски прогон и убивање на Евреите, Ромите, Словените,… спонзориран од нацистичкиот режим во Германија преку спроведување на идеологија дека Германците се супериорни, а другите народи се инфериорна раса и нивниот живот не е вреден. Адолф Хитлер го нарекуваше обидот за нивно елиминирање „конечно решение“. Во Аушвиц и во другите логори на смртта беа развивани посебни техники за убивање, од гасни комори до смртоносни експерименти на луѓе.
Меѓу жртвите на холокаустот беа и 7.144 македонски Евреи. На 11 март 1943 година, 98 проценти од Евреите во Македонија од страна на бугарскиот фашистички окупатор се собрани во скопскиот Монопол, најголемиот број од Битола, Штип и Скопје и испратени во концентарцискиот логор Треблинка каде се убиени во гасни комори. Според податоците од Еврејската заедница во Македонија, денес во земјава живеат само околу 200 Евреи.
Во знак на сеќавање на депортираните македонски Евреи, во март 2011 година во Скопје беше отворен Меморијалниот центар на жртвите на холокаустот, кој е еден од четирите такви во светот, покрај центрите во Израел, Германија и во САД.
Секоја година на 27 јануари, УНЕСКО му оддава почит на споменот на жртвите на Холокаустот и ја потврдува својата непоколеблива посветеност да се спротивстави на антисемитизмот, расизмот и другите форми на нетолеранција што може да доведе до насилство.