ВИДЕО – Дел од комуналните претпријатија во Македонија пред колапс поради високите сметки за струја


Поради покачувањето на струјата на дел од јавните комунални претпријатија во Македонија за брзо време може да им се случи тотален колапс. Од ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп велат дека сега месечната сметка за електрична енергија им била зголемена за 3 милиони денари. Односно ако во октомври плаќале по околу 1.200.000 денари за струја за ноевмри и декември им стигнала сметка по околу 4.200.000 денари. За 2 месеци исплатиле непланирани 6 милиони денари.

„Сега имаме и нови цени, цени многу повисоки, 2 месеци се снаоѓаме и издржуваме, но доколку биде ова подолгорочно, тогаш тоа ќе предизвика проблеми не само во ова јавно претпријатие туку и во сите јавни претпријатија во Македонија. Тие пари се сите наменети за реконструкција на улици и водоводни мрежи“, вели Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

Доколку ситуацијата останала иста тогаш прилепски Водовод немало да има ниту денар за поголеми инвестции и замена на старите цевки, сите средства на претпријатието ќе оделе само за плати, електрична енергија и за реконструкција на по некој мал дефект на мрежата. Додека пак ваквите претпријатија во помалите општини комплетно би крахирале. Токму затоа барааат итна помош од Владата.

„Проблемот е стигнат до нашето Здружение АТКОМ каде што преку тоа Здружение контактираме со Владата и во фаза сме на решавање на тие проблеми. Едноставно Владата мора да помогне, да ја субвенционира таа разлика во цена затоа што многу јавни претпријатија ќе се соочат со проблем за достава на вода за своите општини“, додаде Гулабоски.

Инаку состојбата со водоснабдувањето во Прилеп во моментов е добра. Издашноста на изворот „Студенчица“ била околу 960 литри вода во секунда од кои 265 литри доаѓаат до Прилеп, а градот дополнува со 35 литри вода во секудна од свои помали извори. Потрошувачката била зголемена за 10-тина проценти бидејќи граѓаните ги оставале чешмите да течат да не им замрзнат цевките, но засега тоа не претставувале поголемо оптоварување за мрежата и претпријатието.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи