Пендаровски: Ако некому му пречи средбата со Македонците од Бугарија, тоа не е мој проблем

Facebook
Twitter
Email
Print

Ако некому смета самата средба на претседател на државата со Македонци кои живеат било каде во светот, тоа не е мој, не е наш проблем, нагласи претседателот Пендаровски по реакциите поради средбата со здруженијата на Македонците од Бугарија.

„По средбата јас дадов и јавно соопштение, практично и коментар на тоа соопштение. Морам да ви кажам дека ме изненади затоа што во тоа соопштение (од Софија) освен констатација, немаше супстрат, немаше аргумент. Дали некому воопшто пречи самата средба затоа што од соопштенијата кои јас ги дадов, изјавите кои ги имавме јас и луѓето кои беа кај мене на средба произлегува за што сме зборувале и таму нема апсолутно ништо спорно, ниту една точка и запирка од изјавеното од моја и од страна на моите соговорници, не оди контра Договорот од 2017 година. Ако некому му пречи самата средба на претседателот на Република Северна Македонија со Македонци каде било од светот, тоа е друга работа и тоа не е мој проблем и не би требало да биде наш проблем“, изјави Пендаровски во одговор на новинарско прашање по завршување на седницата на Советот за безбедност.

Тој нагласи дека нема никаква позадина во средбата и оти здружението ОМО „Илинден Пирин“ побарало да се види со него, а тој не ги одбил, како што претходно во изминатите две и пол години откако е на функцијата, како што вели, не одбил ниту здружение, ниту поединец кој сакал да се види со него.

„Притоа, сум примал тука и Бугари граѓани на Република Северна Македонија, политички партии, здруженија на граѓани, поединци и не мислам дека има нешто лошо во тоа. Напротив, морам и ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега претседателот Радев во повеќе наврати прими граѓани на Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука, ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби. Се надевам дека и тој ќе продолжи со тие активности понатаму, бидејќи тоа може само да создаде атмосфера во која ќе се познаваме, подобро ќе си ги знаеме проблемите еден со друг, подобро и само во една таква атмосфера можеме да го надминеме овој проблем кој година и пол – две, практично ја блокира евроинтеграцијата на нашата земја“, вели претседателот Пендаровски.

Тој појасни дека со Македонците од Бугарија разговарал за проблемите со кои тие се соочуваат во остварувањето на нивните права, но, оти за тоа ги упатил на државата во која живеат и на меѓународните судови.

„Тоа е едно од прашањата кое го разговаравме со Македонците на самата средба. И на нивното директно прашање мојот одговор беше директен – сакам да ги чујам вашите маки, ако имате во иднина потреба повторно ќе се видиме, меѓутоа дека сега јас ќе им наложувам на бугарските институции, влада, држава, судови итн. да направат нешто во смисла на заштита на вашите права, тоа од мене немојте да го очекувате. Зошто? Затоа што за бугарските граѓани, за бугарските државјани се надлежни институциите на Република Бугарија. Ако не се задоволни, како што знаеме дека не се задоволни од тоа како ги реализираат своите човекови слободи и права, имате право да одите на меѓународните судови, имате 10-ина пресуди во странство“, изјави Пендаровски.

Тој додаде дека по ниедно правило на меѓународното право тој не смее да се меша во заштитата на правата на бугарските државјани и граѓани.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи