Денес во Прилеп дојде Љупчо Николовски, продолжената рака на Зоран Заев, кој после поразителните резултати како министер за земјоделие и како главен човек во борба против криминалот и корупцијата, се враќа повторно на местото министер за земјоделство. Каква иронија! Истакна на денешната прес конференција Зоран Јанкулоски, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Прилепчани, директно на своја кожа ги почувствуваа катастрофалните политики на СДСМ, на Николоски, и негрижата за земјоделците. Тутунопроизводителите, ги излажаа и ги изманипулираа. Мака мачат и едвај врзуваат крај со крај. Нивниот труд и нивната макотрпна работа не е ценета. За време на СДСМ сведоци сме на најлошиот откуп на тутун, по мизерно ниска цена, која им зададе сериозен удар по домаќинствата кои чесно си го заработуваат парчето леб.
За потсетување – Љупчо Николовски ги излажа земјоделците во 2016 година. Тогаш, ниту обезбеди загарантиран откуп, ниту отвори како што ветуваше нови пазари на земјоделските производи, ниту успешно се справи со дизбалансот на цените на пазарот. Токму затоа и избега од министерската функција, во неможност да се соочи успешно со предизвиците. И замислете, сега истиот тој лик, допра ќе ги решавал проблемите на земјоделците.
Класична навреда на интелектот на овој народ кој знае дека новата влада предводена од Ковачевски не е ништо друго, освен бледа копија на владата предводена од Зоран Заев.
Љупчо Николовски, до ден денес должи одговор на прашањето кој стои зад нелегалниот увоз на 5 камиони со тутун во Македонија и дали е тоа некој човек близок до власта?
Како прв човек во борба против криминалот и корупцијата, на Македонија и донесе најлоши резултати видно од извештаите на „Транспаренси Интрнешнл“ и рекордното високо 111 место според индексот на корупција. Во време на скандали и афери од типот на „Рекет 1“, „Рекет 2“, „Леонардо“, аферата за злоупотреба на европски пари за тренинг на магариња, или аферата со издавање патни исправи на озогласени криминалци ширум светот, најпозната активност на овој човек беше заплената на путер со поминат рок.
Оваа старо-нова влада на СДСМ нема што да понуди ништо ново, само ги продолжува лошите практики и политики од времето на Зоран Заев. Затоа се потребни предвремени избори. Затоа што на чело на државата ќе дојде влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која чесно ќе пристапува кон проблемите на земјоделците, влада која ќе понуди квалитетни и долгорочни решенија“, рече Јанкулоски од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.