Пуштен во употреба на бројот за итни случаи 112

Денес официјално беше пуштен во употреба бројот за итни случаи 112. Станува збор за еден телефонски центар кој ќе ги обединува службите за итни случаи – полицијата, брзата помош и противпожарната заштита на територија на државата.

Наместо како досега да се врти на различни броеви за итни случаи, односно 192 – Полиција, 193 – Пожарна, 194 – Брза помош и 195 – Центар за управување со кризи (ЦУК), со вртењето на бројот 112 се јавувате во еден центар, кој потоа ќе го спроведи повикот до оној за кој е наменет.

Системот е дизајниран така што операторот при добивање на повикот ќе ја знае локацијата на граѓанинот кој го упатува повикот.

„Еден од најилустративните примери кои го користиме за објаснување на овој број е една тешка сообраќајна несреќа, во која луѓето можеби се заглавени во возилото. Со вртење на 112 нашиот оператор, кој го прима повикот, веднаш ја известува полицијата, брзата помош, а доколку има потреба и противпожарната единица. Значи граѓанинот со вртење на еден број ќе добие целосна грижа од државата – полицијата ќе го обезбеди местото, брзата помош ќе му помогне, а пожарникарите ќе го изгаснат пожарот или ќе го извлече лицето доколку е заглавено во возилото“, истакна директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Опремата за функционирање на целиот систем е набавена преку донација од Европската Унија во висина од 1.5 милиони евра.

„Убавината во овој случај е во едноставноста. Вртите еден број, 112 и добивате услуга од сите итни сервиси. Во таа насока, граѓаните ќе се чувствуваат побезбедни, а помошта ќе пристигне побрзо“, изјави Дејвид Гир евроамбасадор во Македонија.

Единствениот европски број 112 е проект кој секоја земја аспирант за ЕУ мора да го воведе во својот систем. Иако кај нас беше најавен пред околу 10 години, денес официјално започнува со работа.

Од ЦУК информираа дека старите броеви 192, 193, 194 и 195 ќе функционираат уште една година и целосното преминување во еден единствен центар ќе биде етапно.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи