100 дена отчет О. Прилеп – наследен долг од 5 мил. евра, исплатени дел побарувања, чистење диви депонии, нови паркови, ветување за голем број проекти


Градоначалникот Борче Јовчески денеска пред Економскиот Совет и поканетите гости одржа презентација на отчетот за првите 100 дена и на идните предвидени проекти. Јовчески посочи дека, да се биде градоначалник на сограѓани од кои извираат идеи, конкретни решенија на проблеми и проекти кои значително ќе ги подобрат условите за живот во Прилеп, не е само предизвик, туку претставува и голема одговорност затоа што имаме иста и заедничка цел, а тоа е просперитет и напредок во сите области на нашиот град.

Ова е текстот од отчетот на градоначалникот Борче Јовчески.

„Мојата првична цел беше да се согледа состојбата во локалната самоуправа за да утврдиме со какви можности располагаме со цел остварување на ветеното во првите 100 дена. Она што е воочливо и што сакаме да го потенцираме се обврските со кои ја превзедовме локалната  самоуправа. Вкупните обврски,  во кои спаѓаат тековните обврски, долгорочните обврски и обврските по договори за јавни набавки претставуваа висок износ од 292.562.164,00 денари или околу 5 милиони евра.

  • Тековните обврски изнесуваа : 32.196.697,00 ден
  • Долгорочни обврски : 112.415.339,00 ден
  • Превземени обврски по јавни набавки : 147.950.128,00 ден

За жал морам да кажам дека Прилеп помина низ многу тежок период. Во изминатите четири години бевме сведоци на уништена економија, голема сиромаштија, чаршија со затворени дуќани, лоша патна инфраструктура и промашени проекти. Запоставени и уништени зелени парковски површини, уништени дрвореди и уништени фонтани беа исто така дел од сликата која што претставуваше хаос во градот и во населените места.

Во рамките на Советот на Општина Прилеп на седницата на 29.12.2021 беше донесен Буџетот за 2022-ра година во износ од 1.408.357.000,00 денари. Во овој буџет имаме предвидено три развојни програми и тоа:

  • Реконструкција на ул. „Борка Талески“ во износ од 25.539.000,00 денари која претставува последен крак за реконструкција од плоштадот „Методија Андонов-Ченто“;
  • Изградба на главен доводен цевковод во с.Канатларци во износ од 11.637.000,00 денари;
  • Доизградба на детска градинка во населба Точила во износ од 44.497.000,00 денари.

Во периодот од 27 октомври 2021 година до 31 јануари 2022 реализирани се приходи во износ од 106.989.143,00 денари а расходите за истиот временски период изнесуваат 109.054.775,00 денари. За исплата на обврските приходовани се средства од депозитот на буџетската сметка во износ од 2.065.632,00 денари.

Структура на исплатени обврски:

  • Плати и надоместоци: 16.183.391,00 ден.
  • Резерви и недефинирани расходи: 1.129.600,00 ден.
  • Стоки и услуги: 31.324.354,00 ден.
  • Субвенции и трансфери: 31.715.376,00, ден.
  • Социјални трансфери: 555.000,00 ден.
  • Во делот на капитални расходи потрошени се 28.242.106,00 денари.

Од реализираните капитални расходи исплатени се 20.864.943,00 денари за изградба реконструкција на улици и локални патишта, за реконструкција на градскиот стадион и изградба на капацитети во енергетиката исплатени се 3.059.163,00 денари, капитални субвенции кон ЈКП – 4.345.000,00.

Во овој период иста така имаме и исплатени побарувања по однос на претходни тужби во износ од 9.465.686,00 денари од кои кон доверител Стентон градба ДОО Битола за мостот на улица Трајко Николоски во износ од 6.621.686,00 денари, кон доверители вработени од ТППЕ-Прилеп, исплатени се 2.465.235,00 денари и исплатени штети кон граѓани по однос на каснувања од кучиња-скитници и исплати на штети по основ на неодржување на улици во зимски услови исплатени се 379.437,00 денари.

И покрај погоре наведените исплати на превземени обврски од претходен период, вкупните обврски по книговодствена евиденција на 31.12.2021 изнесуваат 55.905.000,00 денари.

Со цел да го вратиме сјајот на градот Прилеп и да го разубавиме централното градско подрачје а воедно и сите делови од градот и населените рурални места каде што имаше плоштади, фонтани, парковски површини и постојни дрвореди, уште предизборно одлучивме тоа да бидат приоритетите и топ проекти кои што ќе претставуваат цел за исполнување во првите 100 дена од владеењето.

Општинската зграда ја отворивме за сите граѓани, воведовме ден за „Средби на граѓаните со градоначалникот“ со цел што побрзо и поефикасно надминување и решавање на нивните проблеми со кои што институционално се среќаваат, а исто така и разгледувањена нивните идеи (проекти)  кои што ни ги претставуваат за подобар и поубав Прилеп за сите граѓани и се разбира да ги прифатиме и реализираме сите оние кои што можеме во рамките на ингеренциите како локална власт.

Седниците на Советот на Општина Прилеп досега беа од затворен тип освен за акредитираните медиуми и гости. Сега ја потенцираме разликата со тоа што од 29.12.2021 година, седниците на Советот на Општина Прилеп веќе се од отворен карактер, обезбедена е опрема за техничка реализација (пренос во живо на седниците на Советот на каналот на Општина Прилеп на Youtube) и секој може да ја следи работата на Советот и активноста на избраните советници. Со оваа одлука која беше дел и од изборната ветена програма на ВМРО-ДПМНЕ ја доближуваме Општина Прилеп до секој прилепчанец, и даваме до знаење на целокупната јавност дека ќе бидеме максимално транспарентна локална власт.

Исто така се реактивираше работата на Економскиот совет на Општина Прилеп, нешто што претставуваше дел од предизборните ветувања во делот на локалниот економски развој. Економскиот совет со сигурност ќе претставува еден вид на симбиоза на нашето стопанство, со општината, јавниот сектор, чаршијата и здруженијата на граѓани. Целта е да се решаваат проблемите и да се разменуваат идеи за побрз економски развој на Општината.

Почнувајќи од 01.01.2022 година воведовме и еднократна финансиска помош за секое новоредно дете во општина Прилеп, нешто што досега не се случило и претставува нов проект и голема помош за сите прилепчани. Преку субвенционирање на семејствата со доделување на еднократна парична помош од 6.000 денари материјално ќе се помогне во покривање на дел од првичните трошоци на семесјтвата за обезбедување на соодветни услови за новородените деца, исто така ќе влијае и на поттикнување на наталитетот а со тоа и зголемување на природниот прираст во нашата општина. За реализација на Програмата во Буџетот на Општината за 2022 година се предвидени средства во висина од 3.600.000,00 денари.

Во соработка со  сите јавни комунални претпријатија и сите надлежни сектори од локалната самоуправа ,онолку колку што ни дозволија временските услови во овој дел од годината, успеавме да сработиме и повеќе работи од она што го имавме предвидено и ветено за првите 100 дена.

Поради временските услови и заштита од мрзнење фонтаните се конзервирани од месец ноември 2021 година.

Направен е увид на истите, набавени и инсталирани се дел од потребните делови кои не беа во функција, а за останатите делови и материјали кои се потребни за нормално функционирање на постојните фонтани предвидени се средства и истите ќе бидат инсталирани и ставени во функција со подобрување на временските услови, односно во текот на месец април. На фонтаната кај „Комерцијална банкаˮ, извршен е увид и констатирано е дека пумпите се потопени и не се во функција. Пумпите се демонтирани и се репарирани, со што фонтаната е во исправна состојба и ќе се вклучи во зависност од временските услови. Исто така, извршен е увид и на Партерната фонтана пред НУЦК „Марко Цепенков“, каде што констатирано е дека дел од електрониката не е исправна. Направена е спецификација на потребниот материјал, планирани се средства за нивна набавка.

Извршен е увид на бунарските постројки: Кишојца – Орушица, Бегова Ливада и Кошарка, со што е констатирано дека од вкупно 26 бунари, неколку не се во функција. Направена е спецификација за потребниот материјал, пристапено е кон негова набавка и ќе се изврши нивна санација. Бунарските постројки со целосен капацитет ќе бидат спремни за да се вклучат, доколку се појави потреба. Градските фонтани на локациите низ градот, односно трите фонтани кај населбата Димо Наредникот, како и езерото во населбата  Ѓогдере беа затекнати во оваа состојба- фотографии во прилог. (Односно беа целосно засипани и надвор од функција). ЈКП Водовод и канализација – Прилеп во соработка со ЈКП Комуналец, направија анализи на затекнатата состојба. Според добиените податоците утврдено е дека за ставање во функција на фонтаните односно враќање во првобитна состојба е речиси невозможно. Инвестицијата за враќање во првобитната состојба на фонтаните би била доволна за изградба на нови фонтани. Општина Прилеп продолжи со реализација на проектот за „Реконструкција на главен довод од Пашоски ливади до собирна шахта за град Прилеп”.

Извршено е последното тестирање на новиот цевковод со дијаметар  DN 300 . На последното тестирање, цевководот беше тестиран со вода, со притисок од 9 бари со што ги задоволи потребните параметри за издржливост на цевководот. Досега се изведени 3040 метри од новиот цевковод. Вкупно проектот изнесува 3840м. Со градежните работи односно доизработка на 213 метри ќе се продолжи од 10ти Февруари, а ќе се завршат до крајот на месец февруари, за кои што имаме обезбедено финансиски средства. Во понатамошниот период останува ЈКП „Водовод и канализација“ во соработка со Општина Прилеп да ги завршиме преостанатите 587 метри.

Под одржување на канализационен систем на град Прилеп се подразбира: следење, унапредување на развојот и одржувањето на изградениот фекален и атмосферски канализационен систем на подрачјето на град Прилеп. Во изминатиов период, екипите на канализација излегоја на терен и извршија:

Нивелирање на сливни решетки на следните улици:

  • Ул.Војводинска -2 парчиња
  • Ул.Киро Пајмакоски- 2 пачиња
  • Ул.Браќа Ламески- 3 парчиња
  • Ул. Прохор Пчински – 2 парчиња
  • Ул. Круме Волнароски -1 парче

Нивелирање и замена на канализациони капаци на следните локации :

  • Ул.Александар Македонски – 2 парчиња
  • Ул.Јоска Јорданоски – 4 парчиња
  • Ул.Егејска – 2 парчиња
  • Ул.Браќа Ламески – 7 парчиња
  • Ул.Киро Пајмакоски – 4 парчиња
  • Ул.Андон Слабејко – 3 парчиња
  • Ул. Павел Шатев – 1 парче

Екипите на ЈКП „Водовод и Канализација“ во соработка со ЈКП „Комуналец“ и Општината согласно предвиденото, извршија темелно чистење и уредување на паркот и езерцето во населеното место Големо Коњари. Исто така, извршено е темелно чистење на дел од одводниот канал во Ново Лагово во должина од 30 метри, кој е планиран во понатамошните активности да биде целосно исчистен.

Чистење диви депонии

 Најголемо внимание ЈКП,,Комуналец,, – Прилеп, во координација со локалната самоуправа, посвети на чистење на дивите депонии. И покрај тоа што временските услови не ни овозможија непречена работа, сепак успеавме да исчистиме над 1040 м2 мешан комунален отпад и градежен шут од следниве локации:

-Чистење дива депонија на патот за езеро  —- 60 м3

-Голема еколошка акција за чистење  на неколку диви депонии од подвозникот кај Салида до Бензиска станица ЛУК ОИЛ, —- 600м3

– Чистење дива депонија Заполшки мост—– 100м3

– Чистење пред и околу Работнички универзитет —- 80 м3

– Чистење дива депонија на обиколен пат Жито Прилеп до Варош—120м3

– Чистење на дива депонија на Песјобрдце на патот за Мажучиште—80м3

До крајот на месец декември исчистени се 6 локации со диви депонии. Од наведените диви депонии вкупно се исчистени и транспортирани до депонијата во Алинци 1040 м3 мешан комунален отпад, градежен шут и др. Со подобрувањето на временските услови од 01.02.2022 година комуналците продолжуваат со чистење на диви депонии и напуштени јавни простори  кои подолго време се запоставени. Се започнува со чистење на патот од поранешен Црн Бор до депонијата во Алинци, а потоа се продолжува со чистење на неколку диви депонии по патот за Маркова  чешма.

Чистење на запоставени јавни површини и простори

Комуналците направија генералка на со години запоставената и неисчистена пешачка патека и скалишниот простор кои водат покрај Градскиот  фудбалскинстадион до Градската болница. Граѓаните, овој простор го користат како скратена патека и често поминуваат тука. Со затоплувањето на времето, комуналците продолжија со чистење на излезите од градов. Деновиве се чистеше и индустриската зона по локалниот пат почнувајќи од салонот за мебел „Анита“. Нашиот план е пролетва да се исчистат сите диви депонии, отпадот по локалните патишта и излезите на градот, со цел да им се овозможи на граѓаните здрава и чиста животна средина.

Изградба на парковски површини

Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ изгради нов детски парк на јавна површина во кругот на градската болница. Детскиот парк се изгради на барање на жителите од овој дел на градот затоа што немаат вакво катче во близина, а со оглед на тоа што во тој реон нема друга слободна јавна површина, одлучено е паркот да се изгради во кругот на болницата. Паркот е со површина од 200м2, и содржи детски реквизити за забава, клупи за одмор и релаксација, и со оградена површина заради безбедност.

Најавуваме дека ќе продолжи практиката за градење на парковски површини и детски игралишта во повеќе населби и маала низ градот. За 2022 година планирано е да се изградат 4000 м2 парковски површини во градов и населените места, како и обновување на постојните паркови.

Засадување на дрвја и зимзелени украсни растенија по кејот

На потегот од мостот кај ООУ ,,Кочо Рацин“ до мостот Табана, засадивме дрвја од видот бела бреза. Заради оштетување на дрвјата и кршење на истите, новозасадените дрвја се заштитени со специјална ограда до нивното вегетирање.

Локалната самоуправа и ЈКП,, Комуналец“ – Прилеп, водат посебна грижа за обновување на зеленилото во сите населби, и правилно и навремено одржување на постојните тротоарски и парковски дрвја, со нивно редовно кастрење и полевање, а за 2022 година планирано е да се засадат 3000 садници.

Засадување на дрвја и зимзелени украсни растенија во паркот на Могилата

Засадивме дрва од видот црвен даб, јавор и бела бреза на потегот позади споменикот Жена борец, во паркот шума на Могилата.

Со оглед на тоа што поголемиот дел од дрвјата на Могилата застаруваат, потребно е нивно обновување, но и зголемување на зеленилото. За напролет, планирани се нови рекреативни и забавни содржини во овој парк, како и збогатување на хортикултурата.

Примарна селекција на отпад-  распределба на корпи за селекција на отпад

ЈКП,, Комуналец,, – Прилеп, продолжи со активно вклучување на населението со доделување на две корпи во жолта и зелена боја за селекција на отпад. Кантите се распределуваат во градот, но опфатени се и неколку населени места во кои досега се подигало отпад, а не се применила селекцијата на отпад по принципот „Врата до врата“.  Досега се распределени 22.157 корпи за отпадоци за домаќинствата.

Подобрување на условите во Стационарот за бездомни кучиња

Континуирано во соработка со  ЈКП ,,Комуналец“ – Прилеп, вложуваме во доизградба и опремување во Стационарот за бездомни кучиња. Таму се изврши оградување на просторот и изолирање на корисната површина за престој на заловените кучиња скитници.

Во периодот од 01.12.2021 до 31.01.2022 година или точно два месеци во јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање, откако извршивме промена на директорот направено е следното:

  • Постигната е релативна финансиска стабилност преку репрограмирање на долг од околу 25.000.000 денари, (во моментот на превземање неговата задолженост беше преку 65% во однос на предвидениот буџет за 2022 година),
  • Во текот на овие два месеци спрема вработените се исплатени две плати и два регреси – целосниот регрес за 2020 година кој не беше исплатен ланската година, како и 60 % од регресот за 2021 година. Во март се планира исплата и на останатиот дел од регресот за 2021 година со што сите обврски спрема вработените ќе бидат подмирени.
  • Исплатени се сите тужби спрема вработените
  • На почеток се активностите околу поставување на современ паркинг (паркингот позади Леоне во центарот на градот) со поставување на рампи, семафор и модерна наплата на паркинг услугата.
  • За споменатиот паркинг (позади Леоне) во моментов се работи и проектна документација за монтажна катна гаража, со цел истиот да биде со двојно повеќе паркинг места, за да се реши горчливиот проблем во централното градско подрачје со недостаток на паркинг места за кој што претходната власт не најде решение во корист на граѓаните.
  • Исто така, во моментов се работи проектна документација и за втората катна гаража која би била поставена на постоечкиот паркинг помеѓу поштата во Прилеп и општинската зграда.
  • За прв пат од постоењето, ова претпријатие се наоѓа во фаза на пуштање на приградска линија за превоз на патници до населените места: Лагово, Беровци, Алинци, Тополчани, Ерековци, Канатларци и Подмол, (два пати дневно – наутро и на пладне, со интенција во летниот период да биде и на вечер). Добиена е согласност од Советот за трасата на движење, се чека на наредна седница потврдување на ценовникот за патниците

Во делот на патната инфраструктура започнавме со асфалтирање на улиците кои не беа асфалтирани. Во месец ноември и декември беа асфалтирани следните улици:

-Улица „Јоска Јордански“ – 104м

-Улица „Браќа Ламески“ – 58м

– Улица „Андон Слабејко“ – 149м

-Улица „Кеј 1-ви Мај“- 640м

Работните активности со асфалтирање на улиците ќе ги продолжиме веднаш штом ќе дозволат временските услов. Во склоп на  тековните работни активности беше превземено и одржување на ударни дупки, прокопи и други работи на улици и патишта.

Асфалтирани ударни дупки и прокопи – 220м2.

Овие 100 денови се нормално само почеток, континуитетот на работа ќе го продолжиме и засилиме со исполнување на сите проекти кои што ги ветивме пред прилепчани: Инфраструктурни, локален економски развој, животна средина, комунална и водоводна мрежа, земјоделие, образование, спорт, култура како и во делот на социјална и здравствена заштита. Во сите овие сфери имаме детално разработени и остварливи проекти кои што плански и етапно заедно со вас граѓаните ќе ги реализираме во текот на овој мандат. Лошиот терен кој што ни беше оставен од претходната власт како и секојдневното соочување со здравствената и енергетската криза во која што се наоѓаме можеби малку ни ги отежна овие три месеци. Но тоа не’ прави секогаш посилни и похрабри да продолжиме заедно напред во исполнување на зацртаните цели. Карневалите, фестивалите и сите останати културни и спортски настани кои одсекогаш претставувале препознатлив знак на градот Прилеп повторно од оваа година ќе блеснат во сиот свој сјај.

Отчетноста и транспарентноста на нашата локална самоуправа како кон граѓаните така и кон медиумите ветувам дека ќе биде пракса во текот на целиот мандат затоа што локалната демократија е многу важна за  функционирањето на една локална самоуправа.Создаваме нова иднина со промени и проекти и ветуваме дека Прилеп повторно ќе биде гордост на сите Прилепчани“, посочи градоначалникот Јовчески.

На денешниот Економски Совет беше разговарано и за влијанието на енергетската криза врз локалната економија и локалните институции“, истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи