Македонско-швајцарска бизнис организација за зајакнување на економската соработка со Швајцарија

Претседателката на Македонско-швајцарскиот бизнис клуб, Јасминка Талеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Северна Македонија во Берн, Швајцарска Конфедерација, Кенан Рамадани на која се разговараше за воспоставување на деловна организација, комора или бизнис клуб, на швајцарски компании која ќе делува во Швајцарија во насока на интензивирање на економската соработка помеѓу двете држави.

„Средбата помина во одлична атмосфера, со амбасадорот Рамадани ги споделивме заедничките размислувањата за поширокиот бенефит од поврзување во една мрежа на швајцарските и македонски компании. Идентификуван е голем потенцијал за натамошно унапредување на соработка меѓу компаниите од двете земји што ќе резултира со зголемена трговска размена и инвестиции. Во оваа комора ќе ги вмрежиме компании кои се регистрирани во Швајцарија и работат таму и во Македонија, а ќе ги поврземе и со Бизнис клубот кој делува во Македонија“, истакна Талеска, додавајќи дека амбасадата ќе даде поддршка за формирање на комора во Швајцарија, а Македонско-швајцарскиот бизнис клуб преку веќе воспоставените релации и планираните активности исто така ќе даде придонес кон унапредувањето на деловната соработка.

Амбасадорот Рамадани истакна дека владините економски и бизнис политики се едни од приоритетите на дипломатското претставништво и со тоа и приоритет во планираните активности.

„Во таа смисла во претстојните активности ќе се стави акцент на засилено  промовирање на бизнис придобивките и инвестициите на бизнис заедницата како во Швајцарска Конфедерација така и на швајцарските бизнис чинители во Република Северна Македонија, со цел меѓусебно запознавање и таргетирањето на идните заеднички цели“, истакна амбасадорот Рамадани.

Во наредниот период, се планира да се организира средба на компаниите во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берн.

Македонско-швајцарскиот бизнис клуб кој делува во нашата земја е формиран во 2019 година со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Скопје и Сојузот на стопански комори на Македонија. Активностите на Бизнис клубот се насочени кон вмрежување на компаниите со швајцарски капитал кои работат во Македонија, застапувајќи ги нивните интереси и посредувајќи во поддршка и унапредување на деловната соработка, како и нивно поврзување со другите бизнис-клубовите кои се активни во земјите во регионот. Бизнис клубот обезбедува информации и услуги за деловната и инвеститорската заедница и дава поддршка на новите швајцарски инвеститори и промовирање на извозот на стоки и услуги од Швајцарија во Северна Македонија и од Северна Македонија во Швајцарија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи