Владата предложи пакет мерки за ублажување на ценовниот шок

Facebook
Twitter
Email
Print

Владата денеска донесе пакет од 26 мерки и препораки за ублажување на последиците од економската криза која настана поради руско-украинската војна во висина од 400 милиони евра.

ДДВ-то на основните прехрамбени производи како лебот, шеќерот, брашното, зејтинот, млекото, месото, оризот и јајцата ќе се намали од 5% на 0%.  Ќе се намали и ДДВ-то за струјата, топлинската енергија, и за горивата, како и акцизите за горивата, но овие мерки ќе стапат на сила откако ќе бидат изгласани во Собранието.

„Би се примениле акцизи за 2 денари. Дизелот наместо 85,5 денари би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари. Бензин наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари“, изјави премиерот Ковачевски.

Меѓу мерките на владата за олеснување на ценовниот шок на граѓаните се најдоа и вредносни ваучери од по 1.000 денари за купување на основни продукти три месеци за 35.000 граѓани, како и субвенции од 1.000 денари за три месеци за пензионерите.

Дваесет и шесте мерки и препораки се поделени во две групи: првата се однесува на заштита на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите, а втората група е за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.

Премиерот Димитар Ковачевски, презентирајќи го пакетот мерки кој го нарече најголем по Втората светска војна, рече дека буџетот е ликвиден и стабилен и може да ги финансира мерките, а има и доволно стокови резерви, но повика на штедење и без непотребните трошоци на институциите, локалните самоуправи и јавните претпријатија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи